По обилните врнежи од дожд, кои синоќа ја зафатија Битола и по целоноќните интервенции на терен од страна на екипите, денес увид на лице место во најпогодените локации во градот, изврши градоначалничкатa на Општина Битола Наташа Петровска, заедно со директорите на јавните претпријатија.
„За жал во текот на вчерашниот ден, краткотрајно но сепак драматично, Општина Битола ја зафати невреме. 36 литри на метар квадратен заврнаа за само 15 минути, или во текот на 24 часа 54 литри на метар квадратен, а само за споредба, во Прилепско наврнаа 12 литри на метар квадратен. Тоа потврдува дека бевме на удар на невремето. Но, веднаш, по првите повици, јавните претпријатија, вклучително и пожарната делуваа на терен, се одржа Кризен штаб на кој се информиравме што дотогаш е направено и се дадоа натамошни напатствија на делување, се работеше во текот на целата ноќ на расчистување на критичните точки на терен, а она што следува во текот на денот е расчистување и дезинфекција која е значајна, особено во овие околности“, рече Петровска.
Екипите на битолските јавни претпријатија Водовод, Комуналец, Нискоградба и Паркинзи, заедно со екипите на ТППЕ Битола во координација со претставниците од Дирекцијата за зазштита и спасување и Центарот за управување со кризи, во текот на ноќта веднаш по обилните дождови реагираа на терен со севкупната мехаанизација. Интервенциите се одвиваа во населбите Карпош, Јени Маале, на влезот во Битола М5 кај бензинската станица на Лук Оил, кружниот тек на Дулие, Горно Оризари, кај училиштето Тодор Ангелевски, на ул. Дебарска во населбата Баир и на други локации по повик на граѓаните. Се работеше и на испумпување на водата од куќи, станови и установи.
„Карактеристично и забележително беше тоа што веднаш по запирањето на дождот, од повеќето критични точки водата се повлече, што покажува дека сепак повеќе дискутабилна била поројноста на дождот, отколку канализациониот систем. Денес ќе имаме новв кризен штаб, на кој ќе имаме согледување за состојбата, но и да имаме целосна подготвеност за она што евентуално би следувало“, посочи Петровска.
Граѓаните на терен искажаа особена благодарност за брзата интервенција на општинските јавни претпријатија на терен, чии екипи пожртвувано делувале да се спаси се што е можно. Крсте Трајчевски, чија визба била целосно поплавена, но и автомобилот до половина, паркиран на ул. Ѓорче Петров, истакна дека овој проблем жителите на улицата го имаат откако се затворил каналскиот систам поради изградбата на ул. „Железничка“ пред десетина години.
„Заврна голем дожд, дојде водата и нема кај да избега, зошто каналот, испустот према пругата е затворен. Со новиот пат кога го правеа, со новиот колектор, не пуштија цевка. Каналот ќе се наполни, кога ќе дојде оваа вода од нашата улица тој е веќе полн и водата нема каде да оди. Тоа е голем проблем кој ни го направија. Претходно си имаше канал, си одеше водата надолу. Но кога ја правеа ул. „Железничка“ пред околу десетина години ни го затворија и сега со секој поголем дожд имаме проблеми“, рече Трајчевски.
Градоначалничката Петровска посочи дека општината на својата веб страна денес ќе истакне повик до граѓаните кои што претрпеле штети да достават барање, а по комисискиот увид да им се даде одредена помош.