Продолжува реконструкцијата на Офицерскиот дом во Битола. Во внатрешноста на објектот се работи на сите катови. Во одредени делови е поставена нова дограма, а се работи и на поставување на инсталационите системи и на репарација на ѕидовите. Паралелно се работи и на пропратните одводни и доводни системи. Денес, увид во текот на активностите извршија Градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска и Заменичката на претседателот на Владата, Радмила Шеќеринска.
„За само 2 години и 7 месеци, досега оваа власт изврши градежни активности и ги исплати средствата по истите во висина од над 6 000 000 евра. Во моментот, во Битола имаме низа инфраструктурни проекти во висина од 4,3 милиони евра. На повидок, во висина од 2,3 милиони евра, ни се градежни активности, кои што следуваат. Некои од нив се пред вовед во работа, а некои пред потпишување на договори. Разликата помеѓу нас и претходните е суштинска: Ние не само што градиме, туку и исплаќаме. Токму затоа, сакам да посочам дека, оваа локална самоуправа, со поддршка и на централната власт, само по низа на извршни решенија, на долгови на училиштата, на инфраструктурни проекти кои што тие ги тераа, а други ги плаќаа исплативме 5,7 милиони евра. Јасно е дека многу поинаку работиме и многу поразлично работиме. Не случајно се наоѓаме денес пред овој објект. Објектот кој што тие сакаа да го продаваат, но ние го градиме и обновуваме. Токму затоа, најмалку во Битола, можат да зборуваат за обнова, затоа што оваа локална и централна власт, тоа во големи размери, веќе го работат во Битола. Овој објект е типичен доказ за тоа“, изјави градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.
Реконструкцијата на Oфицерскиот дом се реализира во рамките на потпроектот: „Зголемена туристичка понуда на Пелагонискиот регион преку реставрирање и адаптирање на Офицерски Дом заедно со партерно уредување“, проект кој го изработи Општина Битола и доби подгрант средства од Европската унија во рамките на подгрантовата шема на проектот „Локална и регионална конкурентност“, финансиран од ИПА 2 доверителскиот фонд на Европската унија (администриран од Светска банка). Вкупната вредност на договорот со Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК) изнесува 58.792.610,00 денари, каде 52.913.349,00 се средства на ПЛРК (LRCP), a 5.879.261,00 денари се средства – учество на Општина Битола.
Ова потврдува дека домаќинското работење на локалната и поддршката од централната власт, се главната причина за ваквиот успех.
„Во 2016 година, токму овде, поранешната локална и централна власт се трудеа да и го зададат последниот удар на Битола и да го продадат за ситни пари и за ситни интереси. Битолчани тоа не го дозволија и тоа е вистинскиот патриотизам за ова време: да го сочуваш македонското културно наследство и да го оставиш реконструирано, реновирано за следните генерации исто како тебе, да бидат горди на него. Во 2017 година кажавме не, на таквите обиди да се растури и распарчи овој Офицерски дом и да се даде во приватни раце, само за приватни интереси. Во изминатите години, успеавме да обезбедиме и финансиски средства и проекти и поддршка од централната и локалната власт за да ова биде сосема поинаков симбол за Битола. Затоа денеска, Офицерскиот дом во Битола, комплетно се реконструира и наесен битолчани ќе можат да влезат во својот дом на уметноста и културата. Заедно со Делегацијата на ЕУ, со Светска банка, со општината, во Офицерскиот дом и како држава и како локална власт, вложивме речиси 1 милион евра, да го добие заслужениот лик и тука како што прилега да се врати клучниот белег на градот“, изјави Радмила Шеќеринска, Заменичката на претседателот на Владата.
Градоначалничката Петровска, потсети дека паралелно со изградбата и реконструкцијата на објектот, активно се работи на подобрување на животот во образовната сфера во Битола, каде само во моментот за градежни активности за спортски објекти во училиштата се инвестираат 127.000 евра, а во градинките досега, вложени се 670.000 евра. Подобрена е состојбата со противпожарната заштита, услугите и механизација во јавните претпријатија. Во моментот во Општина Битола се работи по низа основи и на поддршка во спортот со средства во износ од 5.000.000 евра.