На двете згради на средното општинско училиште „Таки Даскало“ во Битола, се работи на отстранување на старите и поставување на нови покривни конструкции, со што ќе се затвори еден од горливите проблеми на оваа образовна институција. Увид во градежните работи извршија заменик министерката за образование и наука Елизабета Наумовска и градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска.
Градоначалничката посебно ја нагласи состојбата со наследените долгови со кои се соочи општината, при доаѓањето на актуелната локална власт.
„Ова беше училиште кое што во 2007 година од страна на тогашната директорка, а сегашна заменик министер Елизабета Наумовска беше оставено како училиште со 93.000 евра на сметка и дополнителни 25.000 евра на наменска смека за проектот за модернизација на образованието. На така наследена состојба, со новиот директор кој што тогаш дојде од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, не само што се потроши таа сума, туку се направија долгови од 7.000 евра на завршна сметка. За 10 години до 2017 години, училиштето имаше долгови од 930.000 евра. Тоа беше огромен долг за училиштето, заради што и беше блокирано, како и останатите училишта во Битола. Не само што успеавме да ги одблокираме училиштата, туку со денешните активности и со се што се направивме овој период, покажавме дека многу подомаќински се работи. Знам дека на некои им смета овој збор, меѓутоа, тоа е очигледно. Ќе продолжиме со исто темпо во образовните институции, но и за цела инфраструктура во градот, затоа што експанзијата што ја имаме, после исплатата на сите долгови, во делот на инфраструктурата е евидентна“, рече градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска.
Заменик министерката за образование и наука Елизабета Наумовска истакна дека Владата на РСМ, особено Министерството за образование и наука ја знаат важноста за подобрување на условите за работа и учење на наставниците и учениците.
„Една од санациите на образовните установи ширум земјата кои што се во тек е и реконструкцијата на кровот на двете згради на училиштето „Таки Даскало“ од кое и јас потекнувам. Вредноста на оваа инвестиција е над 260.000 евра, односно над 16 милиони денари. Паралелно се реконструира кров во гинмазијата во Прилеп, се реконструираат спортски сали, а се прават и нови училишни објекти во други градови. Преку проектот на Светска банка реализиравме опремување на голем број на средни стручни учиишта, работилници, каде што што учениците ќе можат да реализираат практична работа. Покрај оваа крупна капитална инвестиција на кровната конструкција и таваните, годинава во ова училиште се инвестирани и 55.000 евра во опрема во градежно-геодетската и графичката струка“, рече занемик министерката Наумовска.
Директорот на СОУ „Таки Даскало“ Владо Ѓорѓиевски искажа благодарност до министерството за реновирањето на покривната конструкција, бидејќи досега училиштето се соочувало со постојано прокиснуање во училниците на погорните катови. Со оваа реконструкција се овозможува да се работи на нови санации и вложувања во внатрешноста на училиштето.