Директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски, заедно со градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска, направија увид во градежните активности на затворениот пливачки базен во Битола. Градоначалничката Петровска истакна дека во моментов во градот се работи на повеќе спортски локации и спортски објекти во неколку училишта.
„Знаеме дека една од капиталните инвестиции ни е стадионот, каде што досега оваа локална власт вложи 1,6 милиони евра, а во моментов се работи на базенот чија инвестиција е над 700.000 евра. Имаме градежни зафати во низа образовни институции финансирани од општинскиот буџет во висина од над 127.000 евра, што покажува дека Општина Битола има сериозно поместување во делот на обезбедување инфраструктурни услови за спортистите во нашиот град. Многу ме радува токму оваа локација, која ќе овозможи нова можност за спортска активности во телот на целата година за нашите ученици, а во попладневните часови и за граѓаните. Но не инвестираме само во инфраструктурата, туку даваме сериозна поддршка откако сум градоначалник и на спортските клубови. Досега се исплатени 1,3 милиони евра за поддршка на клубовите во мојот мандат. Собрано со средствата за инфраструктура, доаѓа една сериозна сума за спортот, што покажува дека оваа локална самоуправа сериозно е посветена на спортот и на тој начин се грижи граѓаните да ги имаат потребните предуслови за спорт и рекреација“, рече градоначалничката Петровска.
Агенцијата за млади и спорт ја финансира изградбата на затворениот базен со 43.000.000 денари, а директорот Каевски посочи дека според договорот, рокот за изведба на овој објект е до крајот на следната година.
„Драго ми е што во услови на пандемија, кога можеби работите во целиот свет стојат, како централна власт заедно со локалната власт, им даваме мотив и дополнителна вредност на капиталните инвестиции, а токму во Битола се градат капитални спортски објекти. Верувам дека овој затворен пливачки базен ќе биде во функција за битолчани. Со изградбата на базенот даваме дополнителна вредност во Општина Битола, веруваме дека најмладите ќе бидат главни корисници на овој пливачки базен, но и останатите ќе може дополнително да го користат. Ова беѓе едно од главните ветувања кое што го дадовме, јас како директор на Агенцијата за млади и спорт и градоначалничката Петровска за градот Битола како една од капиталните спортски инвестиции и верувам дека со ова ќе ги задоволиме потребите на граѓаните“, истакна Каевски.
Затворениот пливачки базен е лоциран во дворот на ОУ „Даме Груев“, а неговата намена пред се е во делот на развој на училишниот спорт, спортски активности на учениците и натпревари од локален карактер во спортови на вода.