УЛИЧНОТО ОСВЕТЛУВАЊЕ ДОСЕГА И ДОНЕСЕ ЗАШТЕДА ОД 7 МИЛИОНИ ДЕНАРИ НА ОПШТИНА БИТОЛА

УЛИЧНОТО ОСВЕТЛУВАЊЕ ДОСЕГА И ДОНЕСЕ ЗАШТЕДА ОД 7 МИЛИОНИ ДЕНАРИ НА ОПШТИНА БИТОЛА

На иницијатива на градоначалничката на Општина Битола м-р Наташа Петровска, Советот на Општина Битола донесе одлука, одржувањето и сервисирањето на уличното осветлување на територија на општината да го врши ЈП „Комуналец“ Битола. На денешната прес конференција беше презентирана направената анализа на состојбата со уличното осветлување, по првите 6 месеци.

„Лоцираните средства од Општина Битола за осветлување од 13 милиони денари, или над 210.000 евра се реализирани, со што во делот на заштеда, по основ на одржување имаме 2 милиони денари, додека по основ на потрошувачка имаме заштеда од 5 милиони денари, што значи дека досега имаме заштеда од над 7 милиони денари, односно над 113.000 евра. Целокупните заштеди, ќе бидат инвестирани и целосно вложени во дополнителни зафати во осветлувањето“, рече градоначалничката на Општина Битола м-р Наташа Петровска.

Директорот на ЈП „Комуналец“ Панде Богоевски ја посочи споредбата на новопоставена светилка, наместо стара: јачина на светлост од околу 70 лукса, наспроти поранешните 10 лукса, потрошувачка од 100 вати, наспроти поранешните 300 вати и 15 години трајност на ЛЕД светилката, наспроти 3 години со поранешните светилки.

„За само неколку месеци се поставени 800 големи булеварски ЛЕД светилки, претежно на т.н. прстен на градот, односно улиците од кружен тек кај Дулие, преку поранешната „Иван Милутиновиќ“, Бул. 1-ви Мај, „Васко Карангелески“, „Партизанска“, поранешна „Иво Лола Рибар“, пред автобуската и железничката станица, ул. „4-ти Ноември“, „Прилепска“, но и во центарот на градот, а се започна и со влезовите во Битола. Истовремено се заменија и 800 улични светилки во помалите улици, со нови мали ЛЕД светилки, во централното градско подрачје, но веќе опфатот се проширува и кон другите делови на градот. Повеќе од 40 години на канделабрите во населбите стоеа топки кои беа во крајно лоша состојба , но сега, на голема радост на граѓаните, се заменуваат со нови конусни фенери кои ја рефлектираат светлината. Поставени се 300 нови фенери на канделабрите во населбите „Карпош“, „Кланица“, „Стрелиште“ , „Ремо“ до „Довлеџик“.

Поставените булеварски ЛЕД светилки имаат сопствен режим на работа со кој во текот на ноќта 4 пати се менува процентот на ангажираната моќност на светилката, со што се предизвикуваат нови дополнителни заштеди. Во иднина, се очекува дополнителната заштеда на средства во делот на одржувањето и набавките на светилки, поради многу подолгиот век на траење на лед светилките.