Директорката на Центарот за јавно здравје од Битола, прим. д-р Елизабета Крстева и епидемиологот д-р Светланта Поповска Кљусева, остварија работна средба со градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска и дел од работната група за спроведување на мерки за превенција-болест COVID 19 (корона вирус), околу реализирање на препораките и законските обврски дадени од страна на Министерството за здравство во однос на корона вирусот.
Градоначалничката ги запозна претставниците на Центарот за јавно здравје со преземените дополнителни мерки од страна на Општина Битола, кои се однесуваат на јавниот автобуски превоз и авто такси превозниците, да користат заштитни маски и ракавици, а јавниот автобуски превоз да завршува во 17 часот, со цел да може да се изврши чистење и дезинфицирање на автобусите за наредниот ден.
Директорката на Центарот за јавно здравје, која кажа дека постојано се во контакт со Министерството за здравство, истакна дека мора да се забранат приватните и службените патувања и да се откажат истите без разлика на уплатените средства.
Најголем проблем со кој се соочуваат здравствените работници е тоа што пациентите кога доаѓаат со симптоми на грип, најчесто не пријавуваат од каде дошле. Таа апелира на совестност на граѓаните и доколку патувале, тоа задолжително да го наведат. Совесноста, самоизолацијата и постојаната хигиена се неопходни како превентивна мерка, која мора апсолутно да се почитува и применува.
Општина Битола ги почитува сите дадени препораки да не доаѓаат на работа лицата со хронично заболување, како и бремените жени. Договорени се и натамошните постапки за превенција и дополнителна дезинфекција во градинките, основните и средните училишта.