Раководителот на секторот за соработка при Мисијата на Европската Унија во Скопје, Никола Бертолини, ја посети Општина Битола, каде оствари средба со Градоначалникот на Општина Битола м-р Наташа Петровска и претставници од општинската администрација кои работат во секторот за јавни дејности и одделението за економски развој. На средбата, од страна на општината, беа претставени повеќе предлог проекти на чија подготовка општинската администрација работеше во изминатиот период, а се однесуваат на замена на нееколошките системи на греење и јавниот транспорт преку кој се врши емисија на јаглерод диоксид.
Предложените проекти се во согласност со препораките на ЕУ, а се однесуваат на заложбите државите да ги намалуваат емисиите на јаглерод диоксид. Во овој контекст, Општина Битола, предложи 7 проекти од кои 4 се однесуваат на замена на системите за греење, 1 за јавен транспорт, 1 за фотоволтаични централи и 1 за генератор на топлина.
За време на работниот состанок беа разгледани и други проекти и можности за соработка со цел нивна успешна реализација.