ЗАПОЧНА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА ПАТОТ ДО СЕЛОТО МАЛОВИШТA

ЗАПОЧНА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА ПАТОТ ДО СЕЛОТО МАЛОВИШТA

Жителите и бројните туристи кои го посетуваат селото Маловиштa, наскоро ќе пристигнуваат до ова населено место по нов асфалт, потфат, кој не е направен во изминатите 40 години. Започна реконструкцијата на патниот правец од селото Кажани кон селото Маловишта, во должина од 4 километри.

„Отсекогаш потенцирав дека општината не е само градското јадро,  туку е целиот опфат околу градот и ова потврдува дека тие политики во таа насока ги движиме. За овој проект општината ја изготви планската документација, одлукие на седници на Совет, како и кофинансирачкиот дел кој што е над 2.300.000 денари. Во оваа насока ќе продолжимне да се движиме, затоа што нам ни треба рамномерен развој насекаде и само на таков начин луѓето ќе можат да живеат во своите населби, онаму каде што биле нивните корења и да ја гледаат перспективата во своите домови“  рече градоначалничката на Општина Битола м-р Наташа Петровска. Петровска.

Министерот за земјоделство, водостопанство и шумарство Трајан Димковски посочи дека поддршката за Општина Битола е голема, затоа што аплицираше со проекти за кои преку програмата за рурален развој ќе бидат вложени 42 милиони денари.

„Сите овие проекти кои се реализираат на терен се само потврда за мерките кои се преземаат за подобрување на животот во руралните средини преку инфраструктурни проекти, подобрување и обезбедување достоинствен живот за сите граѓани“, рече министерот Димковски.

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството, Никола Бабовски, истакна дека преку Програмата за рурален развој обезбедени се 16,3 милиони денари за овој патен правец.

„Знаеме што значи поддршката и развојот на руралните средини и преку ваквите проекти ги развиваме потенцијалите на малите населени места, како што е селото Маловишта. Исто така овозможуваме во малите средини младите да можат да развиваат свој бизнис, да можат тука да ги основаат семејствата, да вложуваат во руралниот туризам и да вршиме заштита на културно историските споменици“, рече Бабовски.

Селото Маловишта е единствено село кое е сместено на територијата на Националниот парк „Пелистер”.