Со грант средства во износ од 7.238.850 денари, добиени со поддршка на проектната единица на Светска банка во Министерството за финансии за подобрување на општинските услуги, Општина Битола намени дел од средствата во вредност од 3.300.000 денари, за набавка на механизација што ќе се користи за повеќе намени.
„Оваа механизација е во функција на подобрување на општинските услуги кон граѓаните. Во таа насока, оваа механизаЦија ќе биде предадена на користење на јавното претпријатие „Комуналец“ Битола, за извршување на нивната дејност. Без соодветни средства со кои се извршува дејноста, никогаш не може квалитетно истата да биде завршена“, рече градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.
Директорот на ЈП „Комуналец“ Панде Богоевски, ги истакна техничките карактеристики на возилото, односно помошните делови кои ќе бидат ставени во функција на работата на јавното претпријатие.
„Со оваа механизација кон граѓаните на Битола ќе може да извршиме многу поголем обем на активности, затоа што донацијата содржи силен трактор, дополнително опремен со ножеви за снег, приколкка, метларка, ровокопач, две алатки за кастрење на гранките на пристапните патишта и мулчер. Ова е дополнително олеснување и за вработените во јавното претпријатие, кое ќе донесе и дополнителни финансиски олеснувања“, истакна Богоевски.
Во изминатите две години, битолските јавни претпријатија со сопствени средства, но и со средства обезбедени од страна на Општина Битола, вложиле околу 40.000.000 денари, или над 640.000 евра, во нова механизација. Но, заштедата е многу поголема, имајќи во предвид дека нема да се одлеваат средства во поправка на застарената механизација како досега, посочи Петровска.