ЕКОЛОШКО ГРЕЕЊЕ ВО ОУ „СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ“ ВО БИТОЛА

ЕКОЛОШКО ГРЕЕЊЕ ВО ОУ „СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ“ ВО БИТОЛА

Почетокот на второто полугодие во ОУ „Св. Кирил и Методиј“ го одбележа новиот еколошки систем на греење, кој веќе е поставен во училиштето, наместо досегашното греење со парен котел на дрва. Оваа инвестиција, во вредност од пет милиони денари, беше промовирана од страна на заменик министерот за животна средина Јани Макрадули и градоначалничката Наташа Петровска, откако Општина Битола го посочи училиштето како проект во кој е потребно да се воведе ваков систем на греење.

„Ова е со еколошка инвестиција за чист воздух во ОУ „Кирил и Методиј“, каде се целосно се промени начинот на греење. Наместо огромната количина на дрва, односно околу 130 кубни метри во текот на една грејна сезона, која зафаќала половина школски двор, а тука е и пепелта која е штетна, но и чадот, од денес ќе имаме еколошки инвертори кои нема да загадуваат. Ова е добро и за децата и за околината, бидејќи емисиите од чад се ширеа и кон соседните згради и објекти. Според Европската агенција за животна средина, емисиониот фактор на еден кубен метар дрва емитува еден килограм ПМ 2,5 и еден килограмг ПМ 10 честички, што значи 130 килограми помалку ПМ 10 И 130 килограми ПМ 2,5 честички во воздухот во Битола“, истакна заменик министерот за животна средина Јани Макрадули.

Ваквата тенденција на поставување на еколошки системи на греење ќе продолжи и годинава, како реализирана соработка на министерството и општината.

„Ова е потврда за успешната соработка на оваа локална власт и централната власт, особено со Министерството за животна средина. На почетокот на второто полугодие имаме ново еколошко греење во нашето централно основно училиште ‘Кирил и Методиј’ . Тоа отвора можност за поголем комодитет на децата,  ефикасно е и дава голем придонес за заштита на животна средина. Воедно во училиштето во Кукуречани променети се 24 врати со што се придонесува за енергетската ефикасност што исто така е придонес за животна средина’’, рече градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.

Директорот на централното основно училиште „Кирил и Методиј“  Душко Костовски го посочи бенефитот од новиот начин на греење, кој пак во летните месеци истовремено ќе ги лади училниците.

„Досега центалната училишна зграда имаше топловодно греење на дрва со што бевме посочени како голем загадувач во централното градско подрачје. Со овој начин на греење ќе има добробит најмногу за учениците, наставниците, а и за градот, затоа што сме свесни дека имаме големо загадување “, рече Костовски.

Во рамките на посетата на Битола, заменик министерот Макрадули, заедно со градоначалничката Петровска и дел од советниците во Советот на Општина Битола, го посетија Факултетот за информатички и комуникациски технологии, каде беа донирани прочистувачи за воздух. Исто така, тие го посетија и ОУ „Александар Турунџев“ во селото Кукуречани, каде преку мерката за енергетска ефикасност, во училиштето беа набавени 24 нови врати. На овој начин, во училиштето се очекува во голема мерка да се намалат трошоците во однос на загревањето во просториите и училниците, а паралeлно со тоа и подобри услови за настава на учениците.