МЛАДИТЕ ИНОВАТОРИ ГИ ПРЕТСТАВИЈА СВОИТЕ ПРОЕКТИ ВО БИТОЛА

МЛАДИТЕ ИНОВАТОРИ ГИ ПРЕТСТАВИЈА СВОИТЕ ПРОЕКТИ ВО БИТОЛА

Битола беше домаќин на мини саемот, на кој беа претставени резултатите од истражувачките проекти, финансирани од страна на Фондот за иновации и технолошки развој под јавниот повик „Предизвик за млади истражувачи“ од областа на екологијата. Шест училишта и една компанија, меѓу кои основното училиште „Стив Наумов“ и Средното општинско училиште „Јосип Броз Тито“, ги промовираа своите наградени истражувачки проекти, пред учениците од 17 училишта од регионот. Градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска, го отвори саемот и ги поздрави успешните научни проекти.

„Овој саем е од особено значење затоа што преку овие проекти се излегува од теоријата на хартија и им овозможува на младите луѓе низ реални експерименти и низ реални истражувачки  методи, она што го научиле во теоријата да го применат во пракса. Ова отвора широки врати за младиот ум, за жуборот на творечкиот дух, но и на иновативноста и навистина во оваа насока треба и да продолжиме. Особено ме радува што младите луѓе се заинтересирани за ваквиот вид на истражување, но и наставниот кадар кој дава сериозна поддршка во ваквите програми“, рече Петровска.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски ја посочи Битола како еден од најуспешните градови во добирањето на грантовите и најави дека наскоро може да се очекува новиот повик за средства за нови иновативни проекти.

„Програмата „Предизвик за млади истражувачи“ ја започнавме скромно пред две години и имаме околу 50 училишта кои зедоа учество во оваа програма. Дополнително имаме уште две програми кои што ги реализираме со Американската агенција за меѓународен развој и со УСАИД и во рамките на сите три програми целта е да се поттикнува критичкото и креативното размислување и сето тоа да поттикне охрабрување на младите да останат во земјава и да отворат свои бизниси, што е исклучително важно. Средствата за овие проекти изнесуваат околу 13.000.000 денари“, рече Деспотовски.

Од Фондот за иновации најавија дека оваа поддршка ќе продолжи и во наредниот период со зголемена финансиска поддршка.