Седум ученици од гимназијата „Јосип Броз Тито“ од Битола, заедно со нивните професори Мите Ристов и Борис Маслинков, вршеа истражувања на теренот околу Битола на различни локации со цел да го увидат присуството на тешките метали во почвата.
На презентацијата која се одржа во гимназијата, присуствуваше и градоначалничката Наташа Петровска. Таа пред присутните ученици, професори и пред претставниците од Фондот за иновации, истакна дека токму ова е правиот начин на размислување на младите, затоа што во време на постојано опкружување со дезинфомации, на овој начин тие се мотивираат да истражуваат, самите да креираат мислење, податоци, применувајќи ја научно-истражувачки вредност.
Во презентацијата, учениците истакнаа дека биле земени примероци за анализа од 19 села во околината на Битола, кои покажале дека околината на градот и не е толку загадена со тешки метали, освен со олово, кое најмногу во има во селото Поешево. Тие изработија и постер од активностите, кој во иднина ќе сведочи за овој проект и ќе биде поставен во нивната училница.
Во дворот на училиштето, учениците на лист ги ставија своите желби и заложби за почиста и побезбедна иднина за наредните генерации. Овие желби ги ставија во т.н. „временска капсула“, која јазакопаа во дворот и во нејзина чест засадија дрво. Прв потписник на овие желби беше градоначалничката Петровска, а желбата на учениците е капсулата да биде отворена од нивните врсници во 2050 година, со единствена цел, да се види што од денешните желби и заложби ќе биде реалност по 30 години.