Во рамките на кампањата „Гласно против гласини“ – Секоја една е вредна, денес во Основното училиште Ѓорѓи Сугарев се одржа работилница преку која на учениците од ова училиште им беше пренесена пораката „Слушајте го својот глас“. Кампањата која пред се има за цел да даде нови насоки во борбата против гласините кои што ги дискриминираат жените, е поддржана од Мисијата на ОБСЕ и Општина Битола, а координатор на активностите е Фатма Бајрам Аземовска. Во соработка со училиштето во следниот период предвидена е организација на повеќе вакви настани, кои имаат за цел да ги насочат учениците на правилно размислување, делување без присуство на дискриминација и најважно реализација на сопствените желби за напредок, без стереотипи и предрасуди.
На денешната работилница, Градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска преку интерактивна комуникација со учениците разговараше и за својот пример и достигнувања, токму во оние области за кои сеуште се мисли дека во најголема мера припаѓаат на светот на мажите. Нејзиниот пример на жена градоначалник е уште една потврда дека секој ученик, независно од социјалниот статус, родовата или националната припадност, еден ден може да биде успешен бизнисмен, лекар, политичар, спортист. Учениците потврдија дека ваквите активности се вистински поттик за нивната понатамошна професионална ориентација.
Денешниот настан е дел и од активностите за реализација на акцискиот план на Општина Битола за подобрување на положбата на жената ромка, поддржан од министерот без ресор Музафер Бајрам.