Дека дипломатските врски не се само протоколарни посети и разговори, туку во реалноста значат отворање на нови видици и перспективи, особено за младите лица, докажа посетата на словенечкиот амбасадор проф.д-р Милан Јазбец. Во библиотеката во гимназијата „Јосип Броз Тито“, беа презентирани и промовирани двете негови дела „Сјајна ѕвезда со лавовска грива“ и „Мартин Крпан дипломат и воин“, кои ќе бидат достапни за сите ученици во гимназијата.
На настанот присуствуваше и градоначалничката Наташа Петровска, како потврда за пријателскиот однос кој го негуваат со амбасадорот Јазбец и беше дел од опуштениот разговор на дипломатот со средношколците, кој самиот за себе истакна дека пишува за да избега од секојдневието и политиката. Во своето обраќање, амбасадорот Јазбец посочи дека во Словенија студираат околу 1000 Македонци, а дека голем број стручњаци во различни области од Македонија работат и живеат во оваа држава.
Амбасадорот Јазбец им порача на гимназијалците да го следат својот сон и никој да не ги поколеба во намерата да останат доследни во неговата реализација.