Изградба на улици, пешачки патеки, партерно уредување, реконструкција на училници, спортска сала и соблекувални, се дел од тековните активности на кои во моментот се одвиваат градежни работи со инвестиција на Општина Битола. Со овие активности, се менуваат и значително се подобруваат условите на две улици и во три училишта. Градоначалничката Петровска, на денешната прес конференција на улицата Девеани, информираше за динамиката на градежните работи:
„Во моментот, во висина од над 4 300 000 денари, имаме зафати од поставување на бехатон плочки на повеќе локации и зафати кои претставуваат инфраструктурно подобрување во самите образовни институции. Денес, се наоѓаме на оваа локација, меѓутоа деновиве се работи и на ул. „Дебарска“, видовме дека и во централното градско јадро пред „Јавор“, исто така, така што само за бехатон плочки имаме површина над 873 метри квадратни, или 873 000 денари. Додека, во образовните институции се работи во Гимназијата „Јосип Броз Тито“, соблекувални во ОУ Елпида Караманди, се работи во ОУ Крсте Петков Мисирков, подрачниот дел во село Кравари, а исто така се одвиваат и сериозни активности во спортската сала во ОУ Трифун Пановски. Само во училиштата имаме сума од над 3 400 000 денари. Сите овие активности се во насока на задоволување на потребите на граѓаните, независно за која возрасна група зборуваме. Морам да нагласам, дека ова што денес го работиме на оваа локација е токму по барање на месното население, кое со години наназад газело буквално во кал кога излегувало од своите домови“, изјави Градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.
Големото значење на проектите кои се веќе во напредна фаза на реализација, го потврдија и жителите на улицата „Девеани“. Сегашната правлива улица, добива комплетно нов изглед:
„Сакаме да и се заблагодариме на градоначалничката за изведувањето на градежните работи, затоа што со поставувањето на плочките нема да газиме повеќе во кал. Со оваа работа ни се обезбедува подобар пристап до нашите домови. Токму, заради тоа сме многу благодарни до Општината Битола и градоначалничката Наташа Петровска“, изјави Горан Стојановски, претседател на УЗ Ѓорги Сугарев.
Градежните работи, со зголемен интензитет, продолжуваат да се одвиваат и во следниот период.