БЛАГОЈ СТЕФАНОВСКИ ЗАСАДИ СВОЕ ДРВО ВО АЛЕЈАТА НА ДОБИТНИЦИТЕ НА НАГРАДАТА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО ВО БИТОЛА

БЛАГОЈ СТЕФАНОВСКИ ЗАСАДИ СВОЕ ДРВО ВО АЛЕЈАТА НА ДОБИТНИЦИТЕ НА НАГРАДАТА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО ВО БИТОЛА

Благој Стефановски, кој ја доби наградата за животно дело на синоќешната свечена академија по повод 4 Ноември, заедно со градоначалничката Петровска и директорот засади свое дрво во Алејата на добитниците на наградата за животно дело. По минатогодишната иницијатива на градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска, добитниците на 4-то ноемвриската награда за животно дело засадуваат свое дрво во Алејата на добитниците  во Градскиот парк. До секое засадено дрво, се наоѓа и натпис со името на добитникот и годината на засадување.

„Ја продолжуваме традицијата која е многу значајна. Секое ново израстување е како еден нов живот. Јас се радувам што оваа година мене ми припадна таа чест“, рече Благој Стефановски.

„Со својот работен труд сиот свој живот, Благој Стефановски навистина оставил видлив белег во нашиот град. Токму затоа, ценам дека овогодишното празнување на градот помина во амбиент кој што доликува, меѓутоа, додадена вредност е овој добитник. Засадивме уште една садница, традиција која ја започнавме минатата година и е нешто убаво, затоа што кој и да го регулира овој простор треба да има почит кон истиот. Ги повикувам сите битолчани да го погледат овој простор како изгледа и да се потрудиме сите заедно да го сочуваме ова то го имаме, бидејќи за жал, сме сведоци на вандализам по низа основи, не само во нашиот град, туку и во државата. Не е ова место катче и простор само на еден или двајца. Ова е нешто што треба да го имаме како благодет сите ние“, посочи градоначалничката Наташа Петровска.

Алејата на добитниците на наградата за животно дело, покрај дрвцето на минатогодишната добитничка Виолета Томовска, од денес ја краси новото, на Благој Стефановски. ЈП „Комуналец“, под чија надлежност е одржувањето на садниците во Градскиот парк, ја изнајде соодветната локација, веднаш до детското катче во Градскиот парк. Тие го оплеменија просторот со соодветни натписи до секое дрвце и со централен поставен натпис за Алејата.