СПОРТСКИ ВИКЕНД ПО ПОВОД ДЕНОТ НА ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА БИТОЛА

СПОРТСКИ ВИКЕНД ПО ПОВОД ДЕНОТ НА ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА БИТОЛА

Во спортски дух, со натпреварувачки и релаксационен карактер измина овој празничен викенд за Битола. Во средношколскиот дом „Мирка Гинова“, во саботата Шаховскиот клуб „Стево Патако“ од Битола, го организираше шаховскиот турнир за младинци. Атмосферата на турнирот посебно за развесели и настапот на детскиот хор од градинките „Мајски цвет“. Истиот ден, се одржа и традиционалниот шаховски турнир на слепи лица во „Вила гранд“, со учесници од целата држава. Турнирот го посетија и претставници на Советот на Општина Битола, кои со своето присуство уште еднаш ја потврдија несебичната поддршка која општината им ја дава како поттик за понатамошни успеси и напредок на Здружението на слепи лица од Битола.

Во малата сала на Центарот за култура во Битола, како дел од четвртоноемвриската програма на градот, се одржа втората проекција во рамките на 27 издание на Интернационалниот фестивал на аматерски документарен филм.

Неделната празнична програма, целосно беше посветена на спортот. Точно напладне, во градскиот парк, во организација на велосипедскиот клуб „15 ти Мај“ се одржа велосипедска трка. Натпреварувањето беше во неколку категории, а најбрзите беа наградени. Медалите и плакетите на учесниците во трката им ги врачи заменик градоначалничката на Битола, Емилија Костурски.

Во организација на Здружението за спорт Офф роуд клуб Пелистер, се одржа втората по ред тура, насловена „ОФФ РОУД ТУРА 2019“. Трката започна наутро, а околу четириесетина џипови пред да стигнат над манастирот кај Смолево, поминаа рекреативна тура, покрај селата Лера и Рамна, потоа до Ротино, а поминаа и низ Битола.

Сојузот на спортови од Битола и годинава беше организатор на традиционалната ноќна атлетска трка, на која учество зедоа околу 1000 натпреварувачи. На најбрзите им беа доделени медали и плакети, а дел од нив ги додели и Градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.

„Ме радува тоа што сум присутна на оваа најстара спортска манифестација, која веќе 60 години се одржува во Битола. Спортскиот дух мора да се јакне, а особено е важно што на оваа трка учествуваат ученици, средношколци, студенти и рекреативци од сите возрасти“, рече Петровска.

Викенд програмата по повод 4 Ноември заврши со градското кугларско првенство, во организација на Кугларскиот клуб „Пелистер 1982“, на кое присуствуваше и градоначалничката Петровска и вети дека Битола наскоро ќе има многу подобрени услови за развој на овој спорт.