ДЕЛЕГАЦИЈА ОД ОПШТИНА БИТОЛА И УЧЕНИЦИ ВО ПОСЕТА НА ЕПИНАЛ

ДЕЛЕГАЦИЈА ОД ОПШТИНА БИТОЛА И УЧЕНИЦИ ВО ПОСЕТА НА ЕПИНАЛ

Делегација од Општина Битола, предводена од заменик градоначалничката Емилија Костурски, во која учествуваа и советничката Ристенка Алтипармаковска и раководителот на одделението за комунални дејности Маријана Спасевска, заедно со ученици од гимназијата „Јосип Броз Тито“ во придружба на професорот по историја Иле Трајковски и директорката Фани Наумовска, престојуваа во неколку дневна посета на збратимениот град Епинал во Франција.

Посетата е дел од над петдецениското збратимување на двата града, преку кое се негува пријателството и соработката, во чии рамки во Епинал беше претставена изложбата посветена на Првата светска војна, изработена од учениците од гимназијата.

Заменик градоначалничката Емилија Костурски истакна дека изложбата е дел од активностите преку кои се одбележува и негува долгогодишното пријателство меѓу Епинал и Битола.

„Веќе ја започнавме шестата деценија од ова долго пријателство и ова е убав повод да им порачаме на младите, дека се тие кои треба да го продолжат ова збратимување и почитување меѓу двата града и двете држави“, рече Костурски.

Градоначалникот на францускиот град Епинал Мишел Хајнриш, прв пат ја виде оваа изложба минатата година, кога во Битола се одбележаа 50 години од збратимувањето на двата града. На негова иницијатива оваа изложба е донесена во Епинал.

„Бев импресиониран од квалитетот на изложбата која ја раскажува историјата на Источниот фронт. Историја која многу не е позната и за која се зборува многу малку кај нас иако имавме жители од нашиот град кои се бореа таму. Изложбата е за поздравување, бев импресиониран од младите средношколци кои ни ја претставија посебно на француски јазик“, истакна градоначалникот Хајнриш.

Покрај изложбата, на која беа прикажани 13 плакати со страдањата од Првата светска војна, делегацијата од Битола имаше можност да присуствува на голем број настани во организација на градот Епинал. Изложбата на битолските средношколци останува во Епинал, а предвидено е да биде поставена во сите основни и средни училишта во градот.