БИТОЛА  ДОМАЌИН НА ДРЖАВНИОТ НАТПРЕВАР НА ЕКИПИТЕ ОД ЦРВЕНИОТ КРСТ НА МАКЕДОНИЈА

БИТОЛА ДОМАЌИН НА ДРЖАВНИОТ НАТПРЕВАР НА ЕКИПИТЕ ОД ЦРВЕНИОТ КРСТ НА МАКЕДОНИЈА

„Твоето незнаење чини живот“ е мотото на годинешниот државен натпревар по прва помош, на кој учествуваат дваесет и осум екипи на општинските организации на Црвениот крст од земјава, кој се одржува во Битола.

Градоначалничката на Општина Битола м-р Наташа Петровска ги поздрави присутните, посакувајќи им топло добредојде и при тоа ја посочи вредноста на постоењето на Црвениот крст како организација, која сплотува многу луѓе, но и која дава многу повеќе од прва помош.

„Овој натпревар не само што ќе ни даде можност да видиме колку се подготвени и вешти волонтерите и членовите на Црвениот крст да ја дадат првата прва помош, туку овој настан е мотивација повеќе, сите да се вклучиме масовно во оваа организација. Оваа организација не е обична, таа е организација на срцата, на љубовта и на подадената рака“, истакна градоначалничката Наташа Петровска.

На настанот се обрати и претседателот на Општинската организација на Црвениот крст од Битола, д-р Лилјана Ристевска, која се осврна на историските корени на оваа организација, но исто така таа говореше и за важноста на организацијата и потребата секој да има основни познавања од давањето на прва помош.

„Првата помош не е замена за Службите за итни случаи, таа е прв и витален чекор кој обезбедува ефикасно брзо дејствување за да се намалат повреди или подобрат шансите за преживување и затоа е потребно секој од нас да знае да даде прва помош“, рече Ромео Велев, претседател на Црвениот крст на Република Северна Македонија.

Натпреварот се одвива во две траектории со по 14 екипи, односно 28 екипи, кои покрај првата помош, ќе бидат тестирани за познавање од областа на дисиминација.