ОДБЕЛЕЖАН ДЕНОТ НА ДРЖАВНОСТА НА ХРВАТСКА ВО БИТОЛА

ОДБЕЛЕЖАН ДЕНОТ НА ДРЖАВНОСТА НА ХРВАТСКА ВО БИТОЛА

Денот на државноста на Хрватска во организација на Хрватскиот културен центар и Македонско- Хрватско друштво „Марко Марулиќ“ Битола, беше одбележан во битолскиот Завод и музеј. Настанот секоја година се одржува со поддршка на Општина Битола, а градоначалничката Наташа Петровска која им се обрати на присутните, посака взаемната соработка и почит да бидат и натаму столб на поврзување на двата народи.

„Република Хрватска дава голема поддршка за нашата земја на патот на евро-атланските аспирации, а тоа на некој начин и ни дава храброст сите заедно да успееме. Упатувам честитки за Денот на државноста и да имаме уште многу среќни моменти во кои вака заедно ќе чествуваме“, рече градоначалничката Наташа Петровска.

На настанот присуствуваше и амбасадорката на Хрватска во земјава, Данијела Баришиќ.

„Знаеме дека Вашата иднина е во ЕУ, а исто така знаеме дека само така можеме да просперираме и тоа ни е во заеднички интерес. Мене ме радува тоа што во овие четири години, колку што сум во Македонија, оваа земја направи толку силни чекори напред, толку е добар пример, што јас не можам да се сетам која друга земја во изминатите 10 години беше толку добра, како што сте Вие“, посочи амбасадорката Баришиќ.

Соорганизатор на манифестацијата беше Хрватската Матица на иселеници подружница Сплит. Годинава програмата понуди изложба „Пет векова Марулиќева евангелиста“ Сплит и концерт на далматинската женска вокална група при КУД „Јединство“ исто така од Сплит, Хрватска.