На 35-та седница на Советот на Општина Битола се разгледуваа измените и дополнувањата на Буџетот на Општината за 2019 година.
Градоначалничката на Општина Битола, М-р Наташа Петровска, претставувајќи го ребалансот пред советниците истакна дека оваа година измените на буџетот се донесуваат уште во првата половина на годината со цел да се вклопат зголемените приходи на Општината и истовремено да се прераспоредат во расходни ставки кои ќе значат зголемување на износите за капитални објекти, коловози, водоводи, канализации и други објекти од инфраструктурата. Петровска посебно го истакна вложувањето на средства за одблокирање на сметките на училиштата во општината за истите после долги години да можат нормално да функционираат.
Остварувањето на овие цели е можно со зголемените приходи во висина од 104.288.156,00 денари. Така сега вкупните приходи на Општината изнесуваат 1.954.012.863,00 денари. Основниот Буџет се зголемува за 80.585.535,00 денари, а останатиот дел се зголемени приходи на другите единки корисници на буџетот, донации и грант за успешност на проектот во АРМ.
Во своето обраќање Петровска истакна дека вкупните планирани расходи на Општина Битола за 2019 година со ребалансот ќе изнесуваат 1.954.012.863,00 денари.
Направени се прераспоредувања во буџетот при што особено се зголемени ставките за Капитални расходи. Така, средствата за изградба и реконструкција на локални патишта и улици се зголемени за 37.359.490,00 денари и сега во буџетот се во висина од 118.353.731,00 денари,
Средствата за подготвување на проекти за капацитети за водоснабдување се зголемуваат за 3.656.194,00 денари или сега вкупниот износ е 7.500.244,00 денари.
Програмата за канализации се планира да се реализира со средства во висина од 43.390.563 денари со измените и дополнувањата на буџетот за 2019 година.
Во предложениот ребаланс Расходите за Капиталните објекти во вкупниот буџет ќе учествуваат со 27,70%.
Во основниот буџет односно буџетот на општината вкупните капитални расходи се со учество од 40,65 % од вкупните трошења на Општината.
За одбележување е и тоа што Ставката за проектирање со ребалансот се зголемува. Вкупниот износ од 7.923.870,00 денари, се менува и гласи 15.953.006,00 денари што значи дека Зголемувањето за проекти е за 8.029.136,00 денари.
За подготвување на проекти и реконструкција на капацитети во енергетиката планираните средства се зголемуваат од 3.222.730,00 денари на 5.378.730,00 денари.
Субвенциите и трансферите се зголемуваат во ставката Разни трансфери. Тие се за рефундирање на трошоците за превоз на учениците и за учеството или кофинансирањето на општината во проекти како реконструкција на Офицерски дом, купување на противпожарно возила во соработка со Бирото за рамномерен регионален развој и др проекти.
За рефундирање на трошоците за превоз на учениците издвоени се дополнителни 2.000.000,00 денари.
Со ребалансот на буџетот во делот за Акции и друг капитал издвоени се дополнителни 4 000000 денари за зголемување на основачкиот влог за Јавното претпријатие на јавен простор за паркирање и уредување и организирање на јавен локален превоз на патници во Општина Битола за отпочнување на работата на претпријатието.
Во ребалансот се предвидени и средства за Отплата на главница и камати на кредитот кој претходната локална власт го зеде за АРМ. Оваа година ќе се отплатат 16 000 000 денари од овој кредит.
Како што рече и Петровска, структурата на ребалансот е така направена што средствата се насочени кон развој на општината, санирање на состојбите во училиштата наследени од минатото и трасирање на идниот развој на Битола.