ЗАЕДНИЧКИ ПОТТИК И ПОДДРШКА, ИНСПИРАЦИЈА И УМЕТНОСТ НА 38 ИЗДАНИЕ НА МАЛИОТ БИТОЛСКИ МОНМАРТР

ЗАЕДНИЧКИ ПОТТИК И ПОДДРШКА, ИНСПИРАЦИЈА И УМЕТНОСТ НА 38 ИЗДАНИЕ НА МАЛИОТ БИТОЛСКИ МОНМАРТР

Ентузијазам, креативна енергија и гости од повеќе земји од светот, ја исполнија Старата битолска чаршија, каде и покрај врнежливата вечер, вљубениците во детското ликовно творештво, со спектакуларен огномет го означија почетокот на 38 издание на Малиот битолски Монмартр. До 30 мај, во чест на своите патрони, студиото на Сесловенските просветители „Свети Кирил и Методиј“ – Битола, ќе биде најголемото ателје на светот. На меѓународниот конкурс „Битола 2019“, годинава пристигнаа 15.771 цртежи, од 337 училишта, од 35 земји од светот. Наградите на младите ликовни творци кои дојдоа во Битола, им ги додели градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска, која оваа година, „Малиот битолски Монмартр“, го поддржа со 200.000 денари, што всушност претставува најголемата досегашна поддршка која оваа меѓународна манифестација ја добила од Општина Битола. Четирипати поголемата поддршка за Малиот Битолски Монмартр е во насока на поттик на визијата за понатамошен развој на манифестацијата која e бренд на градот и негов промотор во светски рамки.

„Малиот Битолски Монмартр е бренд на Битола. Тоа е нешто што репрезентативно ја претставувало Битола години наназад, тоа е манифестација на која доаѓаат многумина и тоа дечиња од различни страни на светот, го исполнуваат со топлина нашиот град и дефинитивно манифестација на која што не само оваа година, туку и следните години во многу подобра кондиција треба да дадеме поддршка на оваа манифестација, на ова величествено збиднување во нашиот град, за кое што исто така поддршка даваат и јавните претпријатија“, изјави градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска, за време на отворањето на 38 издание на Малиот Битолски Монмартр.

Организаторот на „Малиот Битолски Монмартр“, Коста Хаџиантоновски, изрази голема благодарност до градоначалничката Петровска, за нејзината искрена посветеност кон идејата и традицијата на уметноста, изразени низ животот на детското ликовно творештво.

Наградата „Гран при 2019“ – „Симпли арт“, им беше доделена на учесниците од Хонг Конг – Кина.

Со ваквиот почеток на 38 издание на „Малиот битолски Монмартр“, ентузијазмот на тимот кој го организира овој светски настан продолжува да го зголемува својот интензитет, а сјајот на детските очи низ кој се пренесува нивниот став е израз на впечатокот кој младите творци го добиваат од Битола, која низ нивните дела продолжува да зрачи со љубов, природна убавина и традиција.