ОПШТИНА БИТОЛА ДОБИ ПЛАКЕТА ЗА КОНТИНУИРАНА ПОДДРШКА НА БИТОЛСКИ ВЕСНИК

ОПШТИНА БИТОЛА ДОБИ ПЛАКЕТА ЗА КОНТИНУИРАНА ПОДДРШКА НА БИТОЛСКИ ВЕСНИК

Во салата на Народниот театар во Битола се одржа пригодна манифестација по повод 55 години од излегувањето на првиот број на Битолски весник. На манифестацијата им беа доделени златни плакети на долгогодишните поддржувачи на весникот.

Општина Битола во изминатите 55 години во континуитет го поддржува издавањето на Битолски весник, истакна директорот Менде Младеновски, доделувајќи и ја златната плакета на градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.

„Постоењето на Битолски весник е многу значајно за градот, затоа што овој весник, низ кој поминале многу достојни новинарски пера од градот, претставува хроничар на времето и на историјата на градот и токму затоа е значајно весникот и натаму да опстојува. Сите што се вложиле во овој медиум се личности на кои треба длабоко да им се поклониме, особено не оние по 90-тите, кога концептот на опстојување целосно се промени. Битолски весник е жив весник кој што твори и создава за сите битолчани“, рече Петровска.

Златни плакети им беа доделени на комбинатот РЕК Битола, синдикалната подружница на РЕК Битола, „Кромберг и Шуберт“, Болница „Плодност“ и на Васка Младеновска, која ќе го продолжи раководењето на Битолски весник. Весникот доби специјално признание од Здружението на новинари на Македонија, кое на Младеновски му беше врачено од страна на регионалниот претседатела на здружението на новинари, Жанета Здравковска.