Монодрамата „Трите животи на Исидора Данкан“ од Молдавија, е добитник на Гран при наградата на 21-вото издание на Интернационалниот фестивал на монодрама Битола 2019. Пред битолската публика, на видно возбудената актерка Јана Лазар, која со многу емоции го доживеа чинот на прогласување, наградата и ја додели градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.
„Ви честитам на сите за добиените награди и за тоа што во Битола ја донесовте Вашата уметност и Вашата енергија, која го подигна уште повеќе угледот на овој фестивал во светски рамки“, истакна Петровска.
Жири комисијата во состав Софиа Ристевска-Петрушева, Нина Мазур и претседателот на жирито Ментор Зумберај, додели награда за најдобра режија на режисерката од Бугарија Невена Митева за монодрамата „Комедијантка“. Наградата за најдобар актер му беше доделена на Игор Ларин од Русија за монодрамата „Забелешка на покојникот“. Наградата од публиката, која ја доделува Општина Битола, во вид на плакета со грбот на градот, ја доби монодрамата „Сé што сум премолчела“ во изведба на актерката Миа Беговиќ од Хрватска.