Подобрување на секојдневието, соодветни услови за напредок на децата со посебни потреби и обезбедување на индивидуален третман за напредок на учениците од посебните паралелки во ОУ Ѓорѓи Сугарев, ќе биде овозможен во сензорната соба во училиштето. Резултатите доаѓаат после повеќемесечни подготовки:
„Денеска реализиравме уште еден проект од еден поголем зафат. Работевме од септември и ќе биде наменски за децата со пречки во развојот во ова училиште, а ќе се опфатат и сите деца кои имаат потреба од оваа соба. Сензорната соба во Европа се користи за децата кои се послаби по некој предмет, на пример математика, англиски и сл. Резултатот се има покажано за 80% подобар од претходно. Сензорната соба, се надевам дека ќе се употребува активно, а третманите се дел од училишната програма, така што ќе му се овозможи на секое дете да добие третман тука, зависно од дијагнозата“, изјави Марија Росенгрен, од хуманитарната организација „Од рака на рака“ од Шведска, донатор на сензорната соба која е направена според европски стандарди.
Сензорната соба е поделена на светол и темен дел, со бројни реквизити со кои децата може да се забавуваат, да учат, а притоа да се чувствуваат безбедно и сигурно, како и апаратура која ќе овозможи стимулација на сетилата, подобрување на говорот, помнењето, вниманието и концентрацијата. Донацијата во вредност од 30 000 евра ќе овозможи подобри услови за околу 40 деца од ОУ Ѓорѓи Сугарев. Експерт од Шведска ќе соработува со стручните служби од училиштето со цел постигнување поголеми успеси:
„Изготвена е програма од моја страна, која е вклучена во училиштето и по неа ќе работиме цела година. Во училиштето има девет паралелки на деца со посебни потреби. Сите деца ќе бидат вклучени во тие третмани. Секој ден ќе земаме одреден број на деца во зависност од тоа колку часови имаме. Исто така, зависи и од потребите на детето колку пати неделно ќе се работи со тоа дете. Во секој случај, сензорната соба е голем бенефит за децата“, изјави Александра Божиновска, дефектолог и одговорно лице за работа со децата во сензорната соба.
Родителите на децата кои ќе ја користат сензорната соба изразија голема благодарност до донаторите, како и до институциите кои овозможуваат реализација на вакви проекти, насочени кон обезбедување на подобри услови согласно потребите на учениците и нивните желби и дијагнози.