РАБОТНА СРЕДБА НА ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА ПЕТРОВСКА И МИНИСТЕРОТ БАЈРАМ

РАБОТНА СРЕДБА НА ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА ПЕТРОВСКА И МИНИСТЕРОТ БАЈРАМ

Министерот без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во Република Македонија Музафер Бајрам, во придружба на пратеникот во Собранието на Република Македонија Самка Ибраимоски, одржаа работна средба со градоначалничката Наташа Петровска.

На работната средба беа разгледани актуелните состојби со ромското население во Општина Битола. Тие побараа од градоначалничката и од локалната самоуправа да преземат одредени мерки, со цел да бидат подобрени условите од инфраструктурен аспект.  Aкцентот беше ставен на водоснабдувањето и електричната енергија во населбата Баир, каде што живее најголем дел од оваа популација.

Градоначалничката Петровска ги посочи проблемите со кои се соочува општината, а тука ја потенцираше и негрижата на локалното население кое ја оштетува водоводната мрежа и кое создава диви депонии. Таа нагласи дека за да се преземат конкретни мерки со водоснабдувањето и електричната енергија, мора пред сѐ да се уреди инфраструктурната слика и да се стави ред со дивите градби на објектите во овој дел од градот, до кои е практично невозможно да се донесе струја и вода по легален пат.

На средбата во присуство на претставници на невладиниот сектор, претставници од ЕВН Македонија и директорот на ЈКП „Водовод“ Горан Козаров, беа договорени натамошните чекори на соработка и подобрување на инфраструктурата во населбата Баир.