На Плоштадот „Магнолија“ во Битола, синоќа во весела и топла атмосфера, илјадници битолчани ја дочекаа Новата 2019 година, со желби за добро здравје и многу успеси.
По масовното одбројување, точно на полноќ, со голем огномет беше означен влезот во Новата година, а атмосферата ја надополно и Дедо Мраз, по што беше прочитана новогодишната честитка од градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска, која ја дочека Новата година заедно со своите сограѓани на Плоштадот „Магнолија“.
„Нека 2019 биде година во која здравјето нема да Ве оптоварува, година во која Вашите желби ќе станат реалност, година во која Вашите лица ќе ги греат насмевки, 2019 нека е година во која ќе се исполнат Вашите копнежи и ќе отворат простор за нови“, им посака Петровска на своите сограѓани.
Забавата кулминираше со песната „Ако одам во Битола“ и со масовно играње на Плоштадот „Магнолија“. За убавото расположение придонесе и перформансот „Кафана на Широк Сокак“, односно групата Боеми, заедно со актерките Илина Чоревска, Викторија Степановска-Јанкуловска, Маја Андоновска-Илиевски, Соња Ошавкова и Маријан Ѓорѓиевски, кои пееја и читаа интересни факти за Битола и битолчани низ времето. Новогодишнат атмосфера, налик на Европските метрополи, беше надополнета и со варено вино, кое се служеше на поставените штандови.
Претходно, на Плоштадот Магнолија, во богатата музичка програма која започна во 20 часот, настапија ди-џеј Христијан Ѓаковски, Сефедин Бајрамов и Силви Бенд.
Ова беше едно од најмасовните одбележувања на Новата година на плоштадот „Магнолија“ во Битола.