ОДБЕЛЕЖАНИ 20 ГОДИНИ ОД ПОСТОЕЊЕТО НА АПРЗ ВО БИТОЛА

ОДБЕЛЕЖАНИ 20 ГОДИНИ ОД ПОСТОЕЊЕТО НА АПРЗ ВО БИТОЛА

По повод одбележувањето на 20 годишнината од постоењето на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството и 50 години советодавен  јавен сервис, во Битола се одржа конференција на тема „Советодавниот сервис -едукативно и информативна поддршка на земјоделството и руралниот развој“. Во својот поздравен говор, градоначалничката на Општина Битола м-р Наташа Петровска истакна дека како градоначалник и е особено драго што се прославува 20 годишен јубилеј на една државна агенција која е сместена надвор од главниот град на РМ, Скопје.

„Кога пред 20 години, на иницијатива на група тогашни пратеници се изгласа можноста една државна агенција да има седиште надвор од Скопје, се чинеше дека станува збор за револуционерен чекор кој ќе донесе своевидна децентрализација на институциите во земјава. Засега, оваа агенција останува надвор од главниот град во земјава, а конкретно Битола и Пелагонискиот регион имаат голем број придобивки од неа. Општина Битола во рамките на својата територијална застапеност, има голем број рурални населени места, чија примарна дејност е земјоделството. За населението од тие средини, Агенцијата претставуваше, но и претставува тело, кое во време на експанзија на нови термини, фондови, средства од ЕУ, иновации итн, требаше да им даде пред се советодавно решение на луѓето. Да знаат како понатаму, како да станат конкуренти на пазарот на труд, како да аплицираат за срeдства за подобрување на своите производи, како подобро да пласираат производи, како да се осовременат со механизацијата, како да научат повеќе…..Тешко е сето ова во кус временски период да се научи, особено да се примени. Затоа, агенцијата, токму на терен, ја одигра најзначајната улога за Пелагонискиот регион и Општина Битола. Преку стручни совети за тоа кое ѓубриво е потребно, како да се сее, како подобро да се нахранува стоката за поголеми приноси….сето тоа беше значајно за нашите земјоделци“, рече Петровска.

На конференцијата се обрати и директорот на АПРЗ Елгафар Јусуфи, кој пред се ја истакна советодавната компонента и подадената стручна помош од стана на агенцијата кон земјоделците.

„Во насока на модернизација на советодавните услуги кои се обезбедуваат преку АПРЗ, усогласени со заедничката земјоделска политика на ЕУ, неопходно е постојано институционално зајакнување на чинителите во агрокомплексот, со што АПРЗ постојано се препознава и потврдува како Национален советодавен сервис со едикативно-информативна поддршка во земјоделството“, посочи Јусуфи.

На конференцијата присуствуваа и Државниот секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство Нефрус Челику, Ленче Николовска, советник за земјоделство на премиерот во Владата на РМ, директорот на АФПЗРР Николче Бабовски, како и голем број градоначалници од регионот, декани на земјоделски факултети, претставници на Федерацијата на фармери, земјоделци итн.