АД ЕЛЕМ денес ја започна досега најголемата акција за пошумување на земјиште во сопственост на РЕК Битола. На просторот помеѓу Новаци и Брод Гнеотино ќе бидат засадени 50 илјади багремови садници. Локацијата за пошумување е избрана во соработка со стручни лица од Шумарскиот факултет во Скопје со цел максимално намалување на запрашувањето во непосредната околина на РЕК Битола.
Градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска ја поздрави акцијата, која се случува во време на засилена кампања против загадувањето од една страна, но и зголемено загадување со почетокот на грејната сезона од друга страна.
Засадувањето ќе биде извршено од вработени во Државните електрани на Македонија.
„Нашата цел е да создадеме заштитен зелен појас кон населените места, како и да го облагородиме земјиштето со засадување дрвја врз одлагалиштето на пепел, да обезбедиме што е можно повеќе услови за намалување на запрашувањето и да создадеме што повеќе природни услови за прочистување на воздухот околу нашиот производен капацитет”, рече Генералниот директор на АД ЕЛЕМ, Драган Миновски.
Паралелно со зазеленувањето околу Комбинатот, се работи и на изградба на насипот околу одлагалиштетото, односно т.н. касета во која ќе се одлага пепелта, рече Миновски.
„Мерките за заштита на животната средина во делот на одлагањето пепел се заокружуваат со инсталацијата на систем за прскање на активното одлагалиште. Оваа акција е во напредна фаза и наскоро системот ќе биде ставен во функција. Оваа акција за пошумување и неколкуте проекти што ги споменав се само дел од активнсотите што АД ЕЛЕМ и РЕК Битола ги преземаат за да влијаат позитивно врз животната средина. Во текот на следната година не очекува и почеток на проектот за реконструкција на електростатските филтри – исклучително значаен проект кој не бил реализиран од 1996 година”, порача Миновски.
АД ЕЛЕМ планира следната година да засади уште 100.000 багремови садници околу РЕК Битола во две акции – едната во март, другата во ноември.