ЗГОЛЕМЕН КАПАЦИТЕТОТ НА ВОЗНИОТ ПАРК НА ОПШТИНА БИТОЛА

ЗГОЛЕМЕН КАПАЦИТЕТОТ НА ВОЗНИОТ ПАРК НА ОПШТИНА БИТОЛА

Имајќи ги предвид потребите од превоз за извршување на одредени обврски или активности, на учениците, пензионерите и другите граѓани, Општина Битола презеде конкретни мерки за соодветно дополнување на општинскиот возен парк. Автобусите кои од денес се во дворот на општината, во следните шест месеци ќе бидат користени во функција на потребите на граѓаните, за повеќе цели, како: превоз на ученици од училиштата до излетничките места, за превоз на пензионери до одредени дестинации низ Општина Битола и други потреби на граѓаните од општината.

„Општина Битола има свој возен парк. Секоја одговорна општина треба да се грижи за капацитетите на возните паркови. Благодарение на добрата соработка  со Град Скопје, како општини кои и во изминатиот период имале соработка, но и како општини кои во следниот период ќе ја продлабочат својата соработка, веќе од вчера добивме автобуси од ЈСП Скопје, со што во возниот парк на Општина Битола имаме зголемен капацитет. Истите ќе бидат наменети за потребите на граѓаните на Општина Битола, онака како што ќе наложуваат околностите. Општина Битола ќе продолжи во оваа насока, односно сите оние возила кои се паркирани, во дворот на општината, ќе бидат соодветно истретирани, во насока на подобрување на услугите кон граѓаните на Општина Битола“, изјави градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.

Градоначалничката Петровска, информираше дека денес битолските превозници ги превезуваат учениците до училиштата. Таа нагласи, дека останува отворена за конструктивно решавање на сите проблеми, но напомена дека нема да дозволи да се повторуваат ситуации со кои на учениците ќе им биде попречен редовниот воспитно – образовен процес.

„Денес автобусите беа испратени до соодветни дестинации, затоа што требаше возачите прво да ги видат можните релации, без никаква друга намера, освен, доколку имаме некоја ситуација, како што беше случајот со вчерашната ненајавена ситуација, сепак да немаме деца кои што нема да бидат доведени до своите училишта“, додаде градоначалничката Петровска.