ПЕТРОВСКА: ЦЕНИТЕ ЗА ПРЕВОЗОТ НА УЧЕНИЦИ МОРА ДА БИДАТ РАЗУМНИ

ПЕТРОВСКА: ЦЕНИТЕ ЗА ПРЕВОЗОТ НА УЧЕНИЦИ МОРА ДА БИДАТ РАЗУМНИ

Градоначалничката Наташа Петровска пред новинарите денес уште еднаш ја објасни состојбата со проблемите поврзани со превозот на учениците во битолските основни и средни училишта.

„Повеќе од  31.000 гласови во Општина Битола не добив за да продолжат коруптивните зделки „до даска“ што се однесува до превозот. Донесени се законски измени со кои што превозот на учениците е овозможен и треба да биде овозможен со редовните линии по цени како и за останатите патници. Сите инстанци треба да ги почитуваат овие законски определби. Во таа насока се движи и Општина Битола. Свесни сме дека во изминатиот период поединци но и политички структури, дебело се нафатираа на грбот на учениците. Парите кои што завршуваа во одредени џебови треба да завршуваат во подобрување на условите во училиштата, санирање на дограма, на тоалети, набавка на нагледни средства за децата. Тоа се наши деца, независно од тоа дали родителите им се членови на СДСМ, членови на ВМРО-ДПМНЕ, членови на друга политичка партија или превозници. Станува збор за наши деца кои што заслужуваат да имаат подобри услови.

Цените за учениците ќе бидат исти како и цените за останатите патници. Не може да има цена за превоз на 290 денари по ученик од Братиндол до Битола. Тарифникот кој што ќе биде додефиниран во понеделник од страна на Советот на Општина Битола е тарифник во кој што нема да бидат намалени цените на превоз за патниците. Во некои делови има и зголемување на цените, но се е во рамките на пазарните цени и услови според оддалеченоста на местата.

Имаме ситуации каде што постои линиски превоз до некои населени места, одредени превозници не им дозволуваат на учениците да се качат во автобусите, дури и кога учениците сакаат да си платат како сите останати граѓани во општината. Тоа е апсолутно недозволиво и тоа е кршење на сите права и закони. Се надевам дека разумот ќе превладее, затоа што сите имаме права, меѓутоа имаме и обврски и сите треба да ги почитуваме законите во Република Македонија. Сите чекори кои што овие денови ги презема Општина Битола се во таа насока, да се почитуваат законите и истите да бидат спроведени. Како ќе течат работите од другата страна, не сакам сега да коментирам, но најавувам како градоначалник дека се ќе направам конечно битолските училишта да не се урнисуваат на начин како што тоа се правело во изминатиот период. Ги разгледувам и останатите можности за Општина Битола директно да му ги рефундира средствата на родителите за изминатите денови. Во државата веќе има општини кои што се услогласија со овој постоечки закон и се поставува прашањето кој е мотивот на дел од превозниците вака да се однесуваат токму во Битола. Јас знам дека има постоечки судски спорови, дали мотивот лежи тему, но сепак имаат време да преноќат, да размислат дека треба одговорно да се однесуваат во општествената заедница“, истакна Петровска пред новинарите.

SONY DSC