Жителите на ул. „Климент Охридски“ веќе имаат редовно снабдување на вода за пиење, откако ЈКП „Водовод“ на терен изврши промена на старите азбестно-цементни цевки во водоводната мрежа, со нови полипропиленски цевки.
„Согласно планот за работа на Општина Битола, динамиката на изведба е целосно запазена и извршена е промена на старите цевки за вода. Во првиот дел на ул. „Климент Охридски“, од ул. „Партизанска“ до ул. „Питу Гули“, веќе е завршено поставувањето на новите цевки и на овој потег се извршуваат подготовки за асфалтирање, со што ние како јавно претријатие овде ја завршуваме нашата работа. Евидентна е разликата на досегашните постоечки, со ново поставените цевки“, рече директорот на ЈКП „Водовод“ Битола, Горан Козаров.
Со овој зафат на ЈКП „Водовод“ комплетно се изврши промена на водоводната инфраструктура со приклучоците. Реконструкцијата на ул. „Климент Охридски“ започна на 4 септември. Со зафатот е предвидена целосна замена на канализационата и водоводната мрежа, а потоа ќе се преасфалтира коловозот. Цената на овој зафат е 10 милиони денари.