КУЛТУРНО – УМЕТНИЧКА ПРОГРАМА ПО ПОВОД МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА СТАРИ ЛИЦА

КУЛТУРНО – УМЕТНИЧКА ПРОГРАМА ПО ПОВОД МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА СТАРИ ЛИЦА

Со желби за добро здравје и длабока старост низ богата културно уметничка програма, денеска на старите лица згрижени во Домот за стари лица во Битола „Сју Рајдер“, им беше честитан Меѓународниот ден на стари лица. Градоначалничката на Општина Битола, поздравувајќи ги сите присутни на денешниот настан, испрати порака до сите граѓани, потсетувајќи на должностите на секој од нас, како важен фактор во создавање услови за квалитетен живот на старите лица:

„Денес е Меѓународниот ден на старите лица, на оние кои што целиот живот претходно се грижеле за нас помладите. Останува ние да им возвратиме со грижа каква што заслужуваат. Секоја власт, локална или централна треба да работи во таа насока. Демографската слика во државата, за жал не ни е на завидно ниво, покажува дека населението ни старее. Токму затоа, тоа е причина повеќе во контекст на она што го кажав: Да го вложиме својот максимум, за живот на овие простори, како би имале соодветна грижа и старите лица“, изјави градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.

Културно – уметничките програми и другите форми на социјализација, претставуваат дел од најзначајните форми низ кои може да им се разубави секојдневието на старите лица, преку посебно влијание врз социјалниот момент.

„Со пригодна програма им овозможивме да си го разубават денот. Нашата институција згрижува околу 160 лица во моментов и грижата е на високо ниво, од сите аспекти: храна, сместување и се што им е потребно. Добро е што постојат и вакви институции, каде луѓето се згрижуваат, ја добиваат потребната медицинска заштита и нега, се грижи матичен лекар, се грижат доктори специјалисти и се она што им е потребно. Најбитен од се ова е и социјалниот момент, затоа што секоја можност ја користиме да се социјализираат во општеството, така што да не се чувствуваат оставени или запоставени“, изјави Јулијана Котевска, директор на ЈУ Дом за стари лица „Сју Рајдер“ – Битола.

Интересот за згрижување на стари лица во Домот „Сју Рајдер“ и понатаму е голем, но со соодветен начин на менаџирање, листите на чекање, постепено се намалуваат.