ПОЛОЖЕНО СВЕЖО ЦВЕЌЕ НА СПОМЕНИКОТ НА ПОЛИТИЧКИТЕ ЗАТВОРЕНИЦИ

ПОЛОЖЕНО СВЕЖО ЦВЕЌЕ НА СПОМЕНИКОТ НА ПОЛИТИЧКИТЕ ЗАТВОРЕНИЦИ

Градоначалничката на општина Битола, м-р Наташа Петровска, членови на Советот на општина Битола, како и претставници на Сојузот на борци, денес положија свежо цвеќе на споменикот на политичките затвореници, лоциран на местото на некогашниот бугарски политичо – фашистички затвор, во кој се наоѓале политичките затвореници.

Ова место во себе ја чува историјата за времето во кое бугарската фашистичка власт, после нападот на одредот „Даме Груев“, на полициската станица во Кажани, веднаш презела ригорозни мерки против активистите, учесници и симпатизери на народноослободителната борба, при што во рок од 3 дена биле притворени 250 активисти, граѓани на Битола и поширокиот регион. Нивното притворање се извршило без почитување на пресумпција на невиност, а без докажување на вина, биле изречени ригорозни казни.

Така, од 250 притворени, 50 биле осудени на смрт, 20 на доживотен затвор, а останатите на издржување на затворска казна од 1 – 20 години.

„Се наоѓаме на ова место, да се потсетиме на 250 те политички затвореници од Антифашистичката борба на Република Македонија за слобода, во Втората светска војна. Овде сме, не само да се потсетиме, туку и длабоко да се поклониме на нивното дело. Тие луѓе покажаа, како може и од затвор и од тешки услови да се делува за својата татковина и да се бори за нејзината слобода. Тоа нека ни биде мотив на сите нас денес, да се избориме, Република Македонија, да влезе во Обединета Европа, да бидеме Македонци, со македонски јазик и да си ја сочуваме вредноста за која што сме се бореле во сите изминати години. Тоа е нашиот долг и сигурна сум, заветот од минатите генерации“, изјави градоначалничката на општина Битола, м-р Наташа Петровска.

Претседателот на општинската организација на Сојузот на борци, Александар Трајковски, потсети на историскиот тек на настаните поврзани со судбините на политичките затвореници, но и на случувањата на денешниот ден – 6 септември, кога политичките затвореници успеаа да извршат бегство од затворот. Денешниот ден е сеќавање на хероите кои своите животи ги положија за нашата татковина.