Возбудени лица, топли насмевки и многу емоции, денес, на почетокот на новата учебна година, ги исполнија училиштата. Посакувајќи им добро здравје, голем успех и напредок, градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска, им го честита почетокот на учебната година на сите ученици од Општина Битола, посебно охрабрувајќи ги првооделенците, за кои денешниот ден е посебен:
„Се наоѓаме во ОУ Ѓорѓи Сугарев, да им посакаме успешен почеток на новата учебна година, на првачињата, но и на сите ученици и не само во ова училиште, туку и во сите училишта во Општина Битола, успешна година, да бидат здрави, живи, среќни и радосни и да се стекнат со знаења, коишто исклучително ќе им значат во следниот дел на нивниот живот. Во ова училиште има 53 првачиња, што мене ме радува, затоа што знаеме дека е училиште во кое мораме да работиме и во иднина да има уште повеќе дечиња, затоа што има прекрасни услови во ова училиште и убедена сум дека во тоа ќе успееме во следниот период“, изјави градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.
Со цел поттикнување на спортскиот дух и кај најмалите ученици, градоначалничката на Општина Битола, на сите одделенија со првачиња им подари фудбалски топки. Денешниот посебен ден во ова училиште беше збогатен и со музичката програма на која исто така, најмногу и се радуваа новите ученици – првачињата.
„Во ОУ Ѓорѓи Сугарев, изминатата година се школуваа 619 ученици, во паралелките со редовна настава и 53 ученици во паралелките со посебна настава. Оваа година имаме плус 53 првачиња во редовна настава и 3 првачиња во посебните паралелки. Во овој убав и радосен ден, сакам да им порачам на сите ученици од ОУ Ѓорѓи Сугарев, на наставниот кадар, на сите ученици, на ниво на цела општина Битола, а посебно на првачињата, кои на овој ден започнуваат со својот нов предизвик, со предизвикот да го запознаат светот околу себе, околината, да се дружат, да растат, да споделуваат, да учат: Радосен, мирен почеток на оваа учебна година. Радосен и мирен тек на цела учебна година Во нашето училиште бројката на првачиња е поголема од минатата година и очекуваме да стигне до 80 ученици, затоа што кај нас се очекува и подоцна да се запишат ученици, поради условите во кои се наоѓаат“, изјави д-р Валентина Стојковска, директор на ОУ Ѓорѓи Сугарев во Битола.
Вкупниот број на првооделенци во Општина Битола, оваа учебна година изнесува 782 ученици.