ПОТПИШАН МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА ПОМЕЃУ РЕК БИТОЛА И ОПШТИНИТЕ БИТОЛА, МОГИЛА И НОВАЦИ

ПОТПИШАН МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА ПОМЕЃУ РЕК БИТОЛА И ОПШТИНИТЕ БИТОЛА, МОГИЛА И НОВАЦИ

По повод одбележувањето на Денот на рударите, во просториите на Управната зграда на АД ЕЛЕМ Битола, подружница РЕК Битола, беше потпишан  меморандум за соработка помеѓу РЕК Битола и трите пелагониски општини кои се во непосредна близина на комбинатот. Градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска, посочи дека потпишувањето на овој меморандум уште повеќе ги зацврстува веќе поставените врски на соработка помеѓу општината и РЕК Битола.

„Во оваа прилика сакам да им го честитам Денот на рударите на сите вработени во РЕК Битола и да им посакам добро здравје и успешна работа и во иднина. Ингеренциите што ги има секоја локална самоуправа, вклучително и Општина Битола, во голем дел се поклопуваат со поддршката од РЕК Битола. Сме ја имале во сиот изминат период поддршката во стручен кадар, но и од финансиски карактер. Денешното потпишување на Меморандумот е само потврда на таа соработка, продлабочување на истата и овозможување во иднина уште поуспешно да делуваме заеднички, во интерес на сите граѓани во следнот период“, рече Петровска.

Важноста од соработката со локалните самоуправи во регионот ја потврди директорот на РЕК Битола, Васко Ковачевски, кој истакна дека компанијата секогаш со своите ресурси им стои на располагање на општините во делот во кој што може да помогне и да ја потврди својата општествена одговорност.

„АД ЕЛЕМ, Подружница РЕК Битола, освен најзначаен капацитет за производство на електрична енергија во Република Македонија, претставува и општествено одговорна компанија која своите активности во заедницата ги темели врз Декларацијата за општествена одговорност и Стратегијата за социјални одговорности, од каде што извира и потребата од соработка со општините Битола, Новаци и Могила во различни области што се во надлежност на локалната самоуправа, меѓу кои и екологија, образование, социјална политика, инфраструктура, култура, туризам, спорт итн. РЕК Битола помагал и ќе помага на заедницата. Многупати не се исклучиво пари во прашање за да се подобрат одредени состојби, туку квалитетната соработка и доброто менаџирање со ресурсите што ги имаат заинтересираните страни. Овие Меморандуми ќе ни го овозможат токму тоа – да соработуваме поинтензивно и да ги искористите сите можности што ни стојат на располагање”, рече директорот на РЕК Битола, Васко Ковачевски.

И градоначалниците на Општина Могила и Општина Новаци, Јасмина Гулевска и Љубе Кузманоски, изразија задоволство од досегашната соработка, а Меморандумот е само уште еден чекор за понапредна реализација на натамошната соработка. Тројцата градоначалници на пелагониските општини, заедно со директорот на РЕК Битола, разговараа и за натамошните еколошки проекти кои ќе се реализираат во насока на подобрување на условите во животната срединa во нивните општини.