АМБАСАДОРОТ НА СЛОВЕНИЈА ДОНИРАШЕ КНИГИ ЗА СОУ ГИМНАЗИЈА „ЈОСИП БРОЗ ТИТО“

АМБАСАДОРОТ НА СЛОВЕНИЈА ДОНИРАШЕ КНИГИ ЗА СОУ ГИМНАЗИЈА „ЈОСИП БРОЗ ТИТО“

Во насока на унапредување на образовниот систем, зголемување на знаењата на учениците и создавање услови за континуиран напредок, а како резултат на воспоставената соработка помеѓу Општина Битола и Амбасадата на Р. Словенија, во СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“, денес беа донирани книги, преку кои идните средношколци ќе имаат можност повеќе да се запознаат со словенечкиот јазик и култура. Фактите покажуваат дека многу млади средношколци од Битола, своите студии ги продолжуваат на универзитетите во Словенија.

„Имајќи предвид, дека голем број битолчани заминуваат на студии во Словенија на словенечките универзитети, на една од последните средби со господинот Амбасадор на Р. Словенија договоривме да организираме една средба со заинтересираните ученици од нашата општина, како би добиле информации за нивните намери, како да го продолжат своето школување во Словенија. На наше задоволство, словенечкиот амбасадор покажа и желба да се донираат книги во библиотеката на гимназијата „Јосип Броз Тито“, со што идните студенти би имале можност малку порано да се запознаат со  словенечкиот јазик и на некој начин, тоа да им биде олеснителна околност во нивните понатамошни намери да студираат токму на словенечките универзитети. Ме радува оваа соработка и покажува дека само вака, взаемно можеме да функционираме во интерес на нашите млади“, изјави градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.

Во моментот повеќе од 50 млади луѓе само од Битола, студираат во Словенија. Тоа е голем знак на пријателство помеѓу двете држави, како и довербата на македонската младина во Словенија, беше нагласено за време на денешната донација.

„Драго ми е што со градоначалничката и со некои професори, создадовме можност на учениците – идни студенти да им претставиме што е Словенија, какви се можностите и да стекнат чувство за атмосферата. Посебно ми е драго што во последните неколку години Словенија стана прва студентска дестинација за студентите од Македонија. Помеѓу Словенија и Македонија, постојат постојани контакти на сите полиња, така што посебно ми е драго што студентите доаѓаат во Словенија, а потоа имаат можност да се вратат и наученото да го донесат тука. Таков пример е токму во оваа библиотека, случајот со библиотекарот Драган со кој заедно студиравме и тој се врати назад. Има многу такви случаи. Денес, донесов со себе 10 книги на македонски јазик, кои претставуваат превод на словенечката литература и книжевност, така што да можат учениците во гимназијата да се запознаат што е тоа словенечка литература, а тоа дополнително да ги обучи и привлече на студии во Словенија, а потоа да го донесат своето знаење назад. Меѓу тие книги се наоѓа и една моја книга“, изјави проф. д-р Милан Јазбец, Амбасадор на Р. Словенија во Република Македонија.