СЛОВЕНЕЧКИ ИСКУСТВА ЗА ПОВЕЌЕ ЕВРОПСКИ ПРОЕКТИ

СЛОВЕНЕЧКИ ИСКУСТВА ЗА ПОВЕЌЕ ЕВРОПСКИ ПРОЕКТИ

Искористувањето на средствата од Европските фондови, беше главниот фокус на денешната средба на градоначалничката Петровска со Амбасадорот на Словенија, во Република Македонија, Милан Јазбец. Во оваа насока, Општина Битола, планира низа активности со цел културен, туристички, но и економски напредок на градот:
„Знаеме дека Словенија како членка на ЕУ, го поминала тој пат, ги знае чекорите и пристапот во аплицирањето, што отвора можност да се согледаат нашите пропусти во минатото, кои се сугестиите кои можат да ни ги дадат, техничката поддршка, односно во една взаемна соработка, во интерес и на Словенија и на Македонија, всушност Република Македонија, особено Општина Битола, максимално да ги искористи овие фондови, кои особено се однесуваат на екологијата, која што е наш горлив проблем, ги детектиравме можностите кои што тука можат да бидат искористени, но и развојот на туризмот, како подрачје кое располага со таков потенцијал, во насока на економски развој и дополнителен инпут на инвеститори во нашата општина“, изјави градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска, нагласувајќи дека ваквите активности мора да се реализираат во соработка со централната власт со цел да се избегнат бирократски пречки за успешна реализација на проекти.
Денешната средба на Амбасадорот Јазбец и Градоначалникот Петровска е втора за изминатите четири месеци, а за следниот период, веќе се предвидени конкретни чекори, кои ќе бидат од големо значење за понатамошен напредок.
„Пред се тука е екологијата, грижата за животната средина и тоа има широк потенцијал преку фирмите кои тука работеле и кои ќе работат во Македонија. Тоа се однесува и на туризмот во смисла на искористување на природните богатства во Македонија и поширокото подрачје на Битола. Во делот на Европските фондови, ние ќе формираме една екипа од 3 до 5 експерти од Словенија, кои работеле во времето на нашето зачленување во ЕУ и првите години после членството, конкретно на тие проекти, за исцрпување и употребување на средствата од Европските фондови, со цел да се помогне на општините во Македонија. Исто така, се договоривме со Генералниот секретар на Владата на РМ, да може бирократскиот дел на македонската страна колку е можно да се скрати и да може средствата да се искористуваат поскоро“, изјави Амбасадорот Јазбец.
Амбасадорот нагласи дека словенечка фирма веќе е заинтересирана за инвестиција во Битола, а следната посета на Битола ја најави за крајот на април, кога очекува да бидат дефинирани и други конкретни проекти.