Општина Битола и Телото на Обединетите нации за родова еднаквост и зајакнување на жените (UN Women) во пресрет на Mеѓународниот ден на жената 8 март организираа регионална конференција на тема „Јакнење на соработката помеѓу општините во Пелагонискиот регион за подобрување на превенцијата и заштитата на жените и девојчињата од насилство“.
Темата е во согласност со Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство, која нашата држава ја ратификуваше минатата година.
Една од целите на Конвенцијата е да обезбеди поддршка и помош на организациите и органите за спроведување на законот за ефективна соработка со цел да се усвои интегриран пристап за елиминирање на насилството врз жената. Со цел заеднички придонес кон јакнење на соработката за подобрување на превенцијата и заштитата од сите форми на родово базирано насилство, на денешната конференција присуствуваа градоначалниците, комисиите за еднакви можности при советите, координаторите за еднакви можности, како и институциите кои работат на оваа проблематика во Пелагонискиот регион, образовните институции и здруженијата на граѓани.
Со свое воведно обраќање, конференцијата ја отвори градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска, како една од шесте жени градоначалници во Република Македонија.
„Честопати себе си сум си го поставувала прашањето: Што е тоа моќ? Како доаѓаме до неа? Во кои појавни форми, општествено се јавува? Дали во суштина, тоа сеуште се можеби парите, дали ние сме спремни со отворени очи да погледнеме на тоа? Дали изворот на проблемот е она што значи да имаме иста работна позиција, исполнување на исти работни обврски, каде што маж, може да добие повисока плата од жена. Дали е можеби тука нишката што понатаму метастазира во општествените појавни форми и ни создава последици. Живееме во едно општество во кое што мора да погледнеме со широко отворени очи, дека сепак вредностите се изместени, дека сепак, навистина квалитетот е нешто за што треба да се говори, на кое што треба да му се отвораат патеките. Дека сепак, постојат можности, на она што сурово звучело и не е стара мисла, дека „Она што неможе да се купи со малку пари, дека сепак може да се купи со многу пари“…Ако едното и другото го споиме, платеното на работната позиција и она што се случува како последица или приказ на оваа мисла, тогаш дефинитивно има што и каде да се работи за да работите се поместат. Се поставува прашањето, кој од нас сите овде, се нашол соучесник во некоја таква приказна, која што на почеток можеби изгледала наивна и со тоа се создало, една жена да биде жртва на институција, на медиум, без намера да ги навредам ниту институциите, ниту медиумите, затоа што секаде, во секоја општествена дејност, постојат и добри и лоши примери. Но, наша должност е токму да зборуваме за добрите, но и за лошите примери и да тежнееме кон постигнување на повисоки вредности и на повисоки нивоа“, рече меѓудругото градоначалничката Петровска пред учесниците на конференцијата, нагласувајќи притоа дека жените во текот на целата година треба да покажат исклучителен активизам, збиени во редовите едни кон други, независно на политичката и верската припадност, затоа што само компактното делување може да придонесе за суштинско поместување во позитивна насока.
Заменик министерот за внатрешни работи Агим Нухиу нагласи дека во Македонија постои координирана институционална поврзаност и дејствување за заштита на жртвите од семејно насилство.
„Системот на заштита на нашата земја го сочинуваат две компоненти, едниот од нив е правниот систем на заштита на жртвите од семејно насилство, а втората компонента е системот кој ги обезбедува мерките за заштита. Граѓанскиот систем на заштита пак, ги регулира привремените мерки на заштита на семејно насилство и основната цел на тие мерки е обезбедување сигурност и заштита на жртвите на семејно насилство, отстранување на непосредна и сериозна опасност по животот и физичкиот интегритет на жртвата, како и помош за надминување на последиците од доживеаното насилство. Овие мерки, освен за жртвата, значат обезбедување на сигурност и заштита и за останатите членови на семејството, кои се јавуваат во улога на секундарни жртви. МВР е една од институциите со мандат за постапување при пријави за извршено семејно насилство, заштита на лица жртви на семејно насилство, сузбивање и попречување на насилството и други надлежности“, рече заменик министерот Нухиу.
Регионалната конференција е само почеток на една континуирана соработка во Пелагонискиот регион во зајакнување на соработката, но секако не само помеѓу овие општини туку и со ресорните министерства, кои треба да ги земат предвид потребите на жените и да ги вклучат во процесите на креирање и планирање на политиките и предлозите на жените од локалната самоуправа.
Пред присутните на конференција, свое обраќање имаше и г-ѓа Елена Грозданова, државен секретар во министерството за труд и социјална политика.
Денешната конференција претставува можност за почеток на една заедничка иницијатива за поголема вклученост на локалните власти во креирање на националните политики преку, пред се јакнење на соработката помеѓу општините во Пелагонискиот регион, од аспект на подобрување на превенцијата и заштитата на жените и девојчињата од насилство, тема која во моментот е многу актуелна и неслучајно е избрана за овој настан.