ДОНИРАНИ 14 ПРОЧИСТУВАЧИ ЗА ВОЗДУХ ЗА ДЕТСКИТЕ ГРАДИНКИ ВО БИТОЛА

ДОНИРАНИ 14 ПРОЧИСТУВАЧИ ЗА ВОЗДУХ ЗА ДЕТСКИТЕ ГРАДИНКИ ВО БИТОЛА

Компаниите „Бимилк“, „Кромберг и Шуберт“ и „Синпекс“ѝ донираа прочистувачи за воздух на Општина Битола, наменети за битолските градинки

 На иницијатива на Битолска млекара, а во соработка со компаниите „Кромберг и Шуберт“ и „Синпекс“, денес беше реализирана донација од вкупно 14 прочистувачи за воздух со врвен квалитет, наменети за градинките „Естреа Овадија ‒ Мара“ и „Мајски Цвет“ со сите свои клонови. Денешната – прва донација се однесува на занималните каде што се сместени јаслите, а таа се реализираше во градинката „Пролет“, каде што присуствуваше и градоначалничката Наташа Петровска, која од името на општината и градинките се заблагодари за донацијата. „Како донатори се јавуваат Битолската млекара, компаниите „Кромберг и Шуберт“ и „Синпекс“, кои што како општествено одговорни компании, обезбедуваат 14 прочистувачи на воздух, за просториите на детските градинки „Естреа Овадија Мара“ и „Мајски цвет“. Се радувам што имаме вакви компании кои знаат што е суштината на општествената одговорност и истата ја искажуваат токму кај најосетливата категорија – нашите деца, со што се покажува, дека не само формално пристапуваме кон она што значи – децата се наша иднина, туку навлегуваме во суштината на тој пристап. Ова значи дека, локалната самоуправа треба да чувствува уште поголема одговорност кон сите стопанственици, затоа што стопанственици кои имаат благопријатна клима во општината, можат, развивајќи го својот бизнис, да овозможат и вакви донаторски акции, важни за нашата средина. Така што, во оваа прилика искажувам крајна благодарност. Денес со нас е присутен и претставникот на солената соба „Солина“, кој ќе подели ваучери за користење на просториите во солената соба, коишто исто така се значајни за здравјето на нашите дечиња. Со ваков, интегриран пристап на решавање на проблемите во општествената заедница се покажува вистинскиот начин како треба да делуваме, изјави м-р Наташа Петровска, градоначалник на општина Битола, додавајќи дека општина Битола, забрзано работи на проектот за гасификација, кој всушност ќе обезбеди и долгорочно решавање на проблемот со загаденоста на воздухот во градот. Иницијативата за донирање на прочистувачи на воздухот беше покрената и од д-р Петра Поп Ристова, еколог и родител на дете што престојува во една од градинките. „Како засегнат родител, сметам дека од исклучителна важност е на децата да им се обезбедат услови за подобро здравје и, воопшто, подобро функционирање во текот на нивниот ден. Поттикната од сè побројните апели децата да не бидат изложени на штетните честички од воздухот, првенствено се обратив во Општина Битола и навистина сум пресреќна што се најдоа компании што го делат моето мислење и што излегоа во пресрет за обезбедување на овие прочистувачи. Сега се донираа 14 прочистувачи, но нас ни треба да стигнеме до бројката 67, затоа апелирам на хуманост и ги повикувам сите компании во Македонија и пошироко, да се вклучат во оваа донаторска акција и да ја овозможат втората фаза“, изјави д-р Петра Поп Ристова. „Инспирирани од проектот на Ротари Клуб „Камен Мост“ – Скопје „Чист воздух за најмладите“, одлучивме и ние да спроведеме една слична иницијатива за дечињата од Битола, особено што Бимилк како компанија, во секоја смисла на зборот, го има детското здравје во својот главен фокус. Искрено, се надевам дека и другите компании ќе се вклучат во акцијата, со цел полесно и побргу да се обезбедат сите потребни прочистувачи и со тоа заеднички да придонесеме за подобро здравје и секојдневие на децата“, изјави Полексена Јанкуловска, маркетинг-менаџер во Бимилк. „Нашата корпоративна одговорност како фирма и општествена одговорност како луѓе не натера во овој проект да прифатиме да субвенционираме 5 апарати за прочистување на воздухот во градинките. Сметам дека сме должни сите ние да дадеме своја заложба овие деца да бидат среќни и да растат здрави и сметам дека проблемот со воздухот мора да го решиме, делумно и на овој начин. Она што мене ме води во животот, а треба да не води и сите нас е мислата од Ганди: „Ние да бидеме промената, која сакаме да ја видиме во светот“, која сметам дека мора да ја потегнеме во Македонија и овој град да биде подобра средина за нас“, рече Христина Фуна од „Синпекс“. „На наше големо задоволство, се вклучивме во оваа акција затоа што сме свесни дека на тој начин вистински се спротивставуваме на сè поактуелниот проблем со загадувањето на воздухот, а со тоа придонесуваме и за контрола на степенот на присуство на честичките „PM 2.5“во просториите каде што престојуваат нашите деца“, изјавија од „Кромберг и Шуберт“. Градинките „ЕстрејаОвадија‒ Мара“ и „Мајски Цвет“ располагаат со вкупно 16 објекти во кои се лоцирани 67 занимални за дневен престој на децата, со вкупна површина од околу 9.000 м2. Со цел покривање на сета функционална површина, неопходна е дополнителна набавка на прочистувачи за воздух, па компаниите што се донатори, како и Општина Битола, упатуваат апел и до другите компании да ја покажат својата хуманост и да придонесат за подобро здравје на сите деца.