ВАСИЛИЧАРСКИ МАСКЕМБАЛ ВО ЦАПАРИ

ВАСИЛИЧАРСКИ МАСКЕМБАЛ ВО ЦАПАРИ

Инспирирани од научно – фантастичните филмови, македонското минато и народно творештво, но и од актуелни настани и случувања, жителите на битолското село Цапари го организираа Василичарскиот маскембал, за кој тврдат дека според времето на одржување е постар од вевчанскиот. Креативноста, позитивната енергија и пораките испратени преку маските на луѓето од Цапари, од најмали до најстари, беа само потврда на големата желба и ентузијазмот кои ги поседуваат, а се насочени кон продолжување на вековната традиција на маскирање на луѓето, но и враќање на некогашниот живот и раздвиженост во Цапари, карактеристични за овој период. Маскираните цапарски василичари од сретсело, придружувани од музика, изведувајќи го вообичаениот ритуал на изгонување на лошите духови од домаќинствата продолжија пред куќите на мештаните, а присутните гости на маскембалот ги следеа со воодушевувања и насмевки. Годинава, маскембалот во Цапари беше посетен и од градоначалникот на општина Битола, м-р Наташа Петровска.