ОДБЕЛЕЖАНИ 20 ГОДИНИ ОД РАБОТАТА НА ЗДРУЖЕНИЕТО ЗА МАКЕДОНСКО ГЕРМАНСКО ПРИЈАТЕЛСТВО И СОРАБОТКА

ОДБЕЛЕЖАНИ 20 ГОДИНИ ОД РАБОТАТА НА ЗДРУЖЕНИЕТО ЗА МАКЕДОНСКО ГЕРМАНСКО ПРИЈАТЕЛСТВО И СОРАБОТКА

По повод 20 годишнината од постоењето и делувањето на Здружението за македонско -германско пријателство и соработка, денес во малата сала на Центарот за култура здружението ја промовираше својата монографија која го отсликува нивното дводецениско активно делување. Автори на монографијата се проф. д-р Петер Рау, проф. д-р Златко Жоглев и д-р Валентина Илиева. На денешната промоција присуствуваше и Н.Е. Томас Герберих Амбасадор на Сојузна Република Германија во Република Македонија. Градоначалничката на општина Битола, нагласи дека ваквите настани и воспоставувањето на континуирана соработка со дипломатските претставништва, претставуваат реална можност за инвестиции во насока на постојан напредок во сите сфери на општественото живеење, а претставуваат и значителен придонес кон економскиот развој на општина Битола:

„Се што можев да видам изминатиот, краток период, а претставува интерес на сите дипломатски претставништва, амбасадори, вклучително и денешната монографија, всушност се добра можност за промоција на нашиот град, отворање на една посветла перспектива, отворање повеќе кон светот и отворање можности многу повеќе луѓе да дојдат кај нас, да видат дека овде навистина станува збор за една пријатна средина од секаков аспект-да престојуваат во нашиот град и да донесат повеќе инвестиции, што би значел економски бенефит и соработка помеѓу двете страни, дали во случајот станува збор за Македонија и Германија или соработка со друга држава во понатамошниот период. Се надевам дека, ваквите иницијативи којшто ги забележувам овие денови ќе успееме најпродуктивно да ги реализираме во интерес на сите нас битолчани, меѓутоа и во интерес на градењето на заедништво на глобално ниво“, изјави м-р Наташа Петровска, градоначалник на општина Битола.