ПРИМОПРЕДАВАЊЕ НА ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА ФУНКЦИЈА

ПРИМОПРЕДАВАЊЕ НА ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА ФУНКЦИЈА

Денес во Општина Битола се изврши примопредавање на градоначалничката функција помеѓу досегашниот градоначалник Владимир Талески и новата градоначалничка Наташа Петровска.
„Ова е историски момент, особено важен за нашата општина, за нашиот град, за Битола, затоа што од денеска започнува еден период кој ќе започне со градоначалничката на нашиот град Наташа Петровска, која што доби убедливо, најмногу гласови на овие локални избори. Јас ја имав таа среќа и можност да бидам градоначалник од 2005 до денес, три мандати, што всушност не се случило во овој град. Завршувањето на мојот трет мандат денеска и започнувањето на првиот мандат на првиот градоначалник жена – градоначалничката Наташа Петровска, всушност го чувствувам како нешто многу значајно и многу важно. И честитав за победата и ѝ посакувам добро здравје, трпение, среќа, радост и задоволство во оваа работа која што ќе ја работи“, рече досегашниот градоначалник на општина Битола, д-р Владимир Талески, кој на денешната свеченост на градоначалничката Наташа Петровска и го подари клучот на градот, посакувајќи и успешна работа.
Градоначалничката Наташа Петровска јавно се заблагодари за добиената поддршка, нагласувајќи дека посветеноста и транспарентноста ќе бидат дел од нејзината континуирана работа.
„Би сакала да се заблагодарам за приемот којшто денес ми беше организиран, им се заблагодарувам на граѓаните за големата поддршка на последните избори, сакам да им се заблагодарам на сите мои пријатели, роднини и познаници и сите мои сограѓани кои ме поддржуваа до доаѓањето на овој момент и секако, сакам да се заблагодарам на моето семејство, без чија поддршка неможе да дојдете до било која позиција. Она што го ветував во предизборието дека ќе имаме транспарентна и отворена општина, услужна општина за сите, е нешто што сакам да го нагласам и во овој момент. Целокупната своја енергија, стручност, ентузијазам и се она што сум го стекнала во изминатиот период, но и желбата да направам нешто за овој град, дефинитивно нема да биде нешто што ќе биде дискутабилно во овој период. Напротив, посветеноста ќе биде нешто што ќе биде најзначајно за да им одговориме на потребите на граѓаните. Знам дека пред мене претстои многу работа, дека претстојат многу обврски на кои што морам да одговорам. Подготвена сум за нив и сигурна сум дека граѓаните ќе имаат можност тоа наскоро да го видат“, изјави градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска.