ДЕНОТ БЕЗ АВТОМОБИЛИ ОДБЕЛЕЖАН ВО БИТОЛА

ДЕНОТ БЕЗ АВТОМОБИЛИ ОДБЕЛЕЖАН ВО БИТОЛА

И оваа година Општина Битола учествува во одбележувањето на „Европската недела на мобилност“, кога традиционално кај нас и во светот се затвораат за сообраќај една или повеќе фрекфентни сообраќајници и се резервираат за велосипедисти, пешаци или за јавен транспорт. Овогодинешното мото на настанот е „Споделувањето те движи напред“, а активно учество во организираните активности зедоа основните и средните училишта од општината преку реализацијата на повеќе едукативни активности кои имаат за цел да влијаат врз сите граѓани, а пред се врз најмладите во нивната едукација за користење на велосипедот – како превозно средство, пешачењето како неопходен начин на движење важен за правилен развој, а истовремено значат и придонес во нашата грижа за здрава и чиста животна средина. Денешниот настанот општината го реализираше во соработка со СВР Битола. „Денеска е европски ден без автомобили. Традиционално, секоја година ова го повторуваме како манифестација, вклучени се сите основни и средни училишта. Симболички се прави еден круг од Плоштадот Магнолија, по Булеварот 1 Мај, кај кружниот тек Црн мост до Плоштадот Магнолија. Целта на настанот е да се укаже на алтернативата за движење, односно таканаречениот „Ден без автомобили“, всушност не треба да е само денешниот ден, туку сите ние треба да се насочуваме кон алтернативни начини на движење: сообраќај со велосипеди, пешачење, користење на јавен превоз итн. Целта е што помалку да се користат автомобилите од повеќе причини. Во оваа насока општината континуирано презема мерки за подобрување на условите за ваквиот начин на движење, конкретно во моментот во тек е реализацијата на проектот за изградба на велосипедски патеки согласно изработената сообраќајна студија. Правиме поголем простор за велосипедите во градот и се надевам дека следните неколку сезони оние технички и правни работи кои пречат да се реализираат велосипедските патеки, ќе бидат отстранети. Мислам дека доаѓа период кога ова ќе зема се поголем замав во нашата општина“, изјави градоначалникот на Општина Битола, д-р Владимир Талески заблагодарувајќи им се на сите учесници на денешната манифестација. Целта на Европската недела на мобилност е да се развие дијалог помеѓу сите засегнати страни за различни аспекти на движење (мобилност), да се предлагаат и тестираат иновативни сообраќајни решенија, нови технологии или мерки за планирање на урбаниот транспорт со што ќе се намали употребата на автомобили и ќе се редуцираат емисиите на штетни гасови во воздухот.