БИТ ФЕСТ: МУЗИЧКО СЦЕНСКИ ПЕРФОРМАНС НА ДИМИТАР АНДОНОВСКИ

БИТ ФЕСТ: МУЗИЧКО СЦЕНСКИ ПЕРФОРМАНС НА ДИМИТАР АНДОНОВСКИ

Во Народниот театар во Битола, се одржа концерт – музички перформанс на Димитар Андоновски, насловен „Само поезијата може да го спаси светот со убавина“. „Во поезијата се крие генетскиот код на секој народ, генетиката на постоењето на една група луѓе кои живеат во еден простор. Навистина битен елемент во опстојувањето на еден народ, како и создавањето на национален идентитет. Особено за македонскиот народ, кој во времето на македонскиот романтизам и просветителство ги добива и своите први авторски поетски антологии, преку перото на Константин Миладинов. Сите автори кои следуваат после него, не само што го продолжуваат тоа чувство, туку го надградуваат и продлабочуваат. Поезијата е показ и доказ на зачувување на чувствата, емоциите како најсубјективните показатели за постоењето на еден народ. Затоа и се зафативме со темата на македонската поезија и се она што може да се издвои како столб носител во антологијата на македонската поезија, но да се погледне преку друг агол, друга визура и со тоа истите да добијат друг квалитет, поблизок до денешниот менталитет на младината“, вака Димитар Андоновски ја објаснува идејата на вчерашниот перформанс кој се одржа во Народниот театар Битола Музичко сценскиот перформанс на Димитар Андоновски, Дамјан Цветановски и Андреј Цветановски беше исполнет со многу емоции и солзи. Дождот само ја докомплетира атмосферата, коментираа присутните. Овој проект овозможува нов начин на изведување на поезијата преку музиката на бескрајно талентираниот автор и композитор Димитар Андоновски кој со својата музика во последните две години ги збогатува претставите на репертоарите на театрите во Битола, Куманово, Велес….Истовремено синоќешниот музичко сценски перформанс овозможува прозвучување на поезијата со младешка енергија на група глумци предводени од младиот актер Дамјан Цветановски кои на овој начин се доближуваат до големите умови на македонската лирика и преку максимата на Петре М.Андреевски „Патриотизмот не е карактеристика со која се раѓаш, патриотизмот е карактеристика со која се стекнуваш“. „Преку поезијата на Миладиновци, Кочо Рацин, Никола Вапцаров, Петре М.Андреевски, Гане Тодоровски, Никола Маџиров и други во концертен настап пред битолската публика, со убава македонска музика и македонски збор го браниме нашето постоење со музиката и поезијата, затоа што само поезијата може да го одбрани светот со убавина“, вака Андоновски го објаснува најновиот проект кој беше дел од Битолското културно лето БИТ ФЕСТ 2017.