Вечерва на античкиот локалитет Хераклеа, со поп дивата и кралицата на забавната музика, Калиопи Букле, ќе се затвори десеттото јубилејно издание на битолското културно лето БИТ ФЕСТ 2015. Во Македонија важи за вонсериски уметник од светски калибар, кој покрај извонредните вокални способности во рамките на поп музиката, изведува и компонира музика за филм, театар и балет.
„На наше големо задоволство за сите наши присутни гости од странство, за многубројната публика од околните градови и за домашната публика, како домаќини на овогодинешниот јубилеен БИТ ФЕСТ, решивме фестивалот свечено да го затвориме со најголемата музичка ѕвезда која претставува гордост за Македонија, а и пошироко – Калиопи Букле. Оваа година програмата на БИТ ФЕСТ беше доста богата со околку 200 различни настани, имавме проширување и градација на официјалниот дел, за да на крај се заврши со Калиопи “- истакна градоначалникот на Општина Битола д-р Владимир Талески.
БИТ ФЕСТ е фестивал со најголема, најсодржајна и најразлична програма во која се опфатени повеќе социо-културни и музички настапи.
„ Пред се сакам да ви се заблагодарам за поканата и честа која ја имам денес. Она што се најави пред шест месеци денес се реализира. Битола за мене има посебно место, особено битолската шмекерска публика. Од моето враќање во Македонија во 1999 год, неколку големи концерти се имаат случено во прекрасната Битола. Тоа што ќе се случи вечерва на Хераклеа за мене претставува посебен стремеж. Заедно со мојот бенд нестрпливи сме за вечерниот настап“ – истакна поп дивата Калиопи Букле.
Големиот концерт на Калиопи започнува во 21 часот на античкиот локалитет Хераклеа.