ЗАПОЧНА РАСЧИСТУВАЊЕТО НА КОРИТОТО НА РЕКАТА ДРАГОР

ЗАПОЧНА РАСЧИСТУВАЊЕТО НА КОРИТОТО НА РЕКАТА ДРАГОР

Општина Битола денес  ја започна акцијата за расчистување на речното корито на реката Драгор во делот од железничкиот мост до мостот пред базата на ГД „Гранит“. Овој дел од коритото кој веќе со децении не бил исчистен, и за кој жителите од тој реон неколкупати доставиле барање, ќе се расчистува во должина од еден километар . Проектот целосно го финансира општината, а расчистувањето го врши ЈП „Нискоградба“ Битола.
„Секојдневно, кога граѓаните ќе забележат дека во некој дел од градот се формира дива депонија, да пријават во општинскиот инспекторат како би можеле благовремено да реагираме за да не се собираат големи количини на отпад“ истакна градоначалникот на Општина Битола д-р. Владимир Талески.
Директорот на ЈП „Нискоградба“ Кире Крстевски напомена дека расчистувањето на овој дел од коритото на реката Драгор би траело околу шеесетина денови, а отпадот кој би го извадиле би бил околу 17 метри кубни.
Исто така, градоначалникот Талески најави голем проект, кој ќе го реализираат Општина Битола, Министерството за животна средина, Министерството за транспорт и врски, Министерството за финансии и дел од европските фондови. Се работи за изградба на голем колекторски систем кој ќе ги опфаќа отпадните води од површината на Општина Битола, каде се предвидени седум колектори. Почетокот за реализација на овој проект е предвиден за 2017/2018 година, а вредноста изнесува 23 милиони евра.

RascistuvanjeDragor_2015_1 RascistuvanjeDragor_2015_2 RascistuvanjeDragor_2015_3 RascistuvanjeDragor_2015_4