Во детските градинки „Росица“ и „Колибри“, дрвената стара дограма е заменета со нова ПВЦ дограма. Овие две градинки како и останатите кои спаѓаат во централната градинка „Естреја Овадија Мара“ добија и нови наставно-образовни помагала, како и нови завеси и теписи.
„Летниов период планираме, да се обноват, да се реконструираат и други простории, онаму каде што имаме од нашите најмлади жители на Општина Битола. Нашите институции континуирано работат на освежување и реализација на програмата која што заеднички ја договараме. Вниманието кое што го укажува Општина Битола се однесува еднакво и на најмладите и на највозрасните.“ изјави градоначалникот д-р. Владимир Талески.
Градинката набави и ново транспортно товарно возило за разнесување на храната во градинките, а вредноста на инвестициите вкупно за сите градинки изнесува над 2 милиони денари.
„Согласно годишната програма за работа на јавната општинска установа за деца „Естреја Овадија Мара“, со подршка на Општина Битола, ги реализираме активностите предвидени за воспитната 2014/2015 година. Во согласност со програмата ќе вршиме набавки во однос на ситен инвентар за сите кујни, за молерисување на дел од објектите и за покривање на терасите во одредени градинки. Ова лето ќе ги завршиме точно по пропишаните стандарди сите градини во сите детски градинки кои што работат во состав на нашата установа. “ истакна директорката г-ѓа Лидија Петровска.