После големиот успех на Светското првенство во Умаг, Хрватска, македонската експедиција од Академијата за боречки вештини “ЗА НЕД ДО” од Битола, денес оствари средба со градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.
„Ова е еден голем успех, не само за овие млади луѓе и за првите луѓе на клубот, туку и за општина Битола и Република Македонија. Ова е прва ваква ситуација, каде што имаме поголем број медали од учесници. Интересно е што најмалиот член има девет години и четири медали“, изјави градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески, нагласувајќи дека општина Битола продолжува со поддршка на академијата со цел постигнување на уште поголеми резултати.
Македонскиот тим составен од десет члена освои 23 медали. Овие млади спортисти на Македонија и донесоа 11 светски шампионски титули, седум вицешампионски и пет бронзени, односно трети места.
На крајот од Светското првенство во боречки вештини и борби 2014-та во Умаг, Република Хрватска, специјалниот Совет на мајстори и светската федерација на специјална церемонија на мајсторот Златко Неделковски со посебни почести му додели Сертификат мајстор 8-ми дан во Кик Бокс.
„Многу сум задоволен. Се надевам дека догодина ќе одиме со уште поголема екипа на светското првенство во Чикаго. Минатата година бевме 4, а оваа 10 учесници. Се подготвуваа 2 месеци – 2 пати дневно“, изјави Златко Неделковски.
Младите спортисти го изразија своето огромно задоволство од постигнатиот резултат.