ДОДЕЛЕНИ ЧЕТВРТОНОЕМВРИСКИТЕ НАГРАДИ

ДОДЕЛЕНИ ЧЕТВРТОНОЕМВРИСКИТЕ НАГРАДИ

На посебна свеченост по повод ослободувањето на Битола, која се одржа во Народниот театар, беа доделени четвртоноемвриски награди на најзаслужните. Наградите беа доделени според одлуката донесена на управниот одбор на Фондот  за наградата „4 Ноември“ во состав од: претседателот на Управниот одбор Силвана Ангелевска и членовите Игор Хаџиевски, Соња Карапашовска, Габриела Илиевска, Соња Трпезановска, Снежана Стоилова, Горан Михајловски, Методија Илиевски и Александар Касапов.
Општинската награда „4 Ноември“,  за животно дело ја доби проф. д-р Вера Стојчевска Антиќ. Родена е во Битола 1939 година. Основното и гимназиското образование го стекнала во родниот град, каде што се формирала нејзината личност. Од првата лична творба појавена и отпечатена во Битола, некаде во 1950 г. доденес нејзиниот опус брои над 800 објавени трудови.
Во својот 45-годишен работен век остварила и реализирала бројни дела и дејности во врска со професионалната дејност како историчар на книжевноста, теоретичар и пошироко – компаративни истражувања, балканските книжевности и народни творештва.
Нејзината научна дејност е позната во бројни македонски и странски славистички центри која главно се одвивала околу средновековната македонска книжевност, теорија, фолклор со компаративни согледби.
За нејзината дејност говорат бројните признанија и награди: „13. Ноември“, „Климент Охридски“, „Гоце Делчев“, „11 Октомври“ и тн.
Општинската награда „4 Ноември“ за 2014 година им беше доделена на:
ДОО Битолски весник – На 29.04.2014 год. Битолски Весник го прослави својот златен јубилеј 50 год., од излегувањето на првиот број отпечатен на 29 април 1964 година.. Битолски весник непрекинато цели 50 години излегува на македонскиот медиумски простор, со што претставува не само еден од најстарите локални весници во Р.М., туку и еден од весниците со најдолг стаж во државата.
Зоран Пејковски – заради неговиот придонес за збогатување на книжевниот фонд на македонската литература, тој е поет, драмски писател, публицист – забележан во македонската литература со 14 книжевни дела. Во 2014 од. ги објавува 2-те книжевни дела збирката песни „Сега знам“ и драмскиот ракопис „Сите наши кодоши“ со кој го потврди својот квалитет и високите квалитети на писател.
ПЗУ Д-р Вангел –       Основана Јуни 2006год. со двајца вработени Д-р Вангел Тодоров – сепецијалист педијатар и Лилјана Пуровска – виша медицинска сестра. Денес ПЗУ Д-р Вангел работи со 7 вработени и тоа тројца доктори на медицина и 4 медицински сестри. Во периодот од 01.08.2013 до 31.07.2014 во ПЗУ Д-р Вангел се запишани 288 новороденчиња, што изнесува 30% од вкупниот број новородени во Општина Битола.
ФАБРИКА „ЦЕРМАТ“ – БИТОЛА  „Цермат“ е компанија во приватна сопственост со основна дејност производство, продажба и промет со сладолед, замрзната храна кондиторски и млечни производи. Веќе 10 –тина години наназад „Цермат“ е единствениот домашен индустриски капацитет за производство на сладоледи.
Тој е синоним за партнер кој овозможува богата палета висококвалитетни производи наменети за потрошувачите.

Огнен Дранговски – Актер во Битолскиот народен театар, еден од најдобрите и најуспешните актери, не само на битолската сцена, туку воопшто и во Република Македонија. Во својата артистичка кариера има одиграно ликови во над 50 театарски остварувања како „Црвено“, „Калеш Анѓа дефинитивно“, „Хенри Шести“и.т.н. Добитник е на наградата Златната маска што традиционално секоја година ја доделува редакцијата на дневниот весник ВЕЧЕР за улогата на Алексеј-Аљоша Карамазов во претставата „Браќа Карамазови“.

Наградите ги додели градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески, кој им посака уште многу  понатамошни успеси на наградените. Веднаш потоа следуваше уметничката програма „За моја Битола -2“ исполнета со прекраснната музика на Битолскиот камерен оркестар и исклучителните изведби на Бојан Стојков, Ламбе Алабаковски и Ирена Димовска – Митревска.